Капетанијата на пристаништата ќе го зголеми бројот на пловни објекти кои се користат за контрола на безбедноста на сообраќајот во Охридското Езеро.
За таа цел Министерството за транспорт и врски преку Електронскиот систем за јавни набавки, вчера објави Јавен оглас, за набавка патролен чамец за потребите на инспекторската служба при Капетанијата на пристаништата.
Вредноста на оваа јавна набавка е околу 16.000 евра или точно 1 милион денари, а критериум за избор ќе биде најниската понудена цена. Крајниот рок за доставување на понудите истекува на 8-ми април 2016 година, кога ќе биде извршено и јавното отварање на истите.
Од Капетанијата на пристаништата во Охрид велат дека со набавката на новиот патролен чамец ќе се подобрат условите за контрола на безбедноста на пловидбата во Охридското Езеро.
-Капетанијата располага со неколку пловни објекти кои се користат за контрола на езерската пловидба, но потребно е нивно обновување. Годинава е планирано да биде извршена набавка на еден патролен моторен чамец-гумењак со приколка, кој треба да биде опремен со ротациони светла, радио станица и други соодветни технички карактеристики. Овој чамец значително ќе ги подобри условите за теренските контроли кои ги вршат нашите инспектори, вели Горан Устијаноски, капетан на Капетанијата на пристаништата.
Во насока на зголемување на безбедноста на пловидбата, пред извесно време беше објавен и Јавен оглас за набавка на специјални радари кои ќе бидат поставени на охридското крајбрежје. Тие ќе служат за набљудување на бродовите, глисерите и другите пловни објекти кои пловат по Охридското Езеро.
Е.М