Новиот закон за работни односи со кој целосно ќе се регулира оваа сфера најверојатно ќе влезе во собраниска процедура на крајот на октомври или почетокот на ноември и ќе биде донесен до крајот на годината.

Драфт верзијата на законското решение е изработена од страна на МТСП. Дебатата по него ќе продолжи по завршување на годишните одмори со сите учесници кои се засегнати од носење на ова законско решение. Ние како Министерство го изготвивме законот во првичната работна верзија, која што секако ќе биде дополнувана, менувана, затоа што сакаме да имаме сенс за сите, затоа што тоа ги адресира проблемите на работниците, на работодавачите, на мајките кои треба да користат породилно боледување, така што, не би сакала да говорам во детали за ова законско решение. Ние многу јавно и транспарентно ќе говориме за него во периодот што претстои, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во одговор на новинарско прашање по пуштање во употреба на градинка во Стајковци.

Во врска со законското решение за недела – ден на неделен одмор таа истакна дека тоа се носи во интерес на работниците.

Тие се најголемиот капитал на една држава кога говориме за системот на работни односи. Законското решение го работевме цели седум месеци, многу јавно и транспарентно со учество на сите партнери од социјалниот дијалог, на пет седници на Економско-социјалниот совет, преку учество во дебата, во емисии и јавни настапи, така што ќе работат само оние дејности коишто се неопходни за непречено функционирање на државата. Кога велам неопходно функционирање не сите вработени во овие дејности, туку минимумот на работници коишто се неопходни за да може ние да имаме струја, да работат телефоните, да имаме вода, собирање на сметот, здравствена заштита, згрижување на лицата во системот на социјална заштитa, рече министерката Шахпаска.

Според неа, ова е законско решение кое што треба да воспостави баланс меѓу професионалниот и приватниот живот на работниците затоа што, како што посочи, само мотивирани работници кои имаат испочитувани работнички права создаваат поголема продуктивност, а со тоа генерираат задоволство и на работодавачите и напредок во економијата на државата.

 

 

OhridNews