Со пригодна вечерна богослужба во чест на Св. Трифун, што ќе се одржи на 14-ти февруари, вторник, во 18 часот, ќе биде пуштено во употреба и новото осветлување во една од најубавите и најзначајни цркви во Македонија, Св. Богородица Перивлепта. Иницијатор на акцијата е Лајнс клубот Лихнидос, а донатор е ДАСС Инжинеринг – Охрид.
„Она што е Сикстинската Капела за Италија, тоа е Св. Богородица Перивлепта за Македонија“ – вели Проф. д-р Зоран Тунтев од ЛК Лихнидос, иницијатор на идејата за осветлување на најубавата и без сомнение најпосетуваната црква во нашата земја.
Во октомври минатата година по седум годишна работа, со голема финансиска помош на американската амбасада во земјава која донираше 600.000 долари, беше завршена конзервацијата на фрескоживописот во оваа црква и на ѕидовите на овој значаен сакрален објект од тринаесеттиот век, кој се смета за врвно дело на византиската архитектура, повторно засјаија уникатните фрески, оригинално насликани од големите мајстори Михаил и Евтихиј. За жал, проектот за реставрирање на фрескоживописот, што траеше неколку години, не предвидел ваков зафат. Заради тоа, Лајонс клубот „Лихнидос“ покрена иницијатива за промена на електричната инсталација и поставување на ново внатрешно осветлување, појаснува Тунтев.
„Реализирањето на оваа идеја не беше воопшто едноставно и бараше многу внимание и стручност. Прво добивме дозвола од Црковниот одбор и мислење од Заводот за заштита на споменици и Музеј – Охрид. Во исто време на интернет тргнавме во потрага по слични примери и решенија, следејќи ги најмногу искуствата од Италија и Русија. Што се однесува до електротехниката, побарав стручно мислење од Ѓорѓи Метулев, електроинженер со големо искуство. Од фирма во Скопје која ги работела проектите за многу цркви во Охрид и Македонија, го пронајдовме проектот за Перивлепта и притоа значително го подобривме, вметнувајќи нови LED технолошки решенија. Конечно, се појави потреба од мајстори со златни раце. На сугестија од Ѓорѓи побаравме помош од фирмата ДАСС Инжинеринг – Охрид. Стручните совети на Дијана и Сандре Трповски беа од исклучително значење, а нивните мајстори ја завршија работата во рекорден рок. Согледувајќи го значењето на овој зафат и убавината на црквата по поставувањето на новото светло, Дијана и Сандре веднаш одлучија да ги преземат сите финансиски обврски. Со други зборови, ДАСС Инжинеринг – Охрид е единствен донатор на целата оваа акција, со која Македонската „Сикстина“ конечно блесна во вистинско светло, со сета своја убавина и раскош, онака како што отсекогаш заслужувала.“ – раскажува иницијаторот Зоран Тунтев, како дојде до реализација на овој исклучително значаен проект на ЛК „Лихнидос“.
Овој зафат има неколку значајни придобивки. Од безбедносен аспект, старата и несигурна електрична инсталација, е сменета. Отстранети се сите жици, кабли и сијалични места кои беа несоодветно поставени. Сменети се и сите стари светилки и рефлектори, кои емитираа топла светлина што им штети на фреските. Притоа, новата ЛЕД технологија сега троши 20 пати помалку електрична енергија. Конечно, внатрешноста на Св. Богородица Перивлепта е целосно осветлена со вештачка „дневна‘ светлина“ и тоа на начин на кој светлината не му пречи на оној што набљудува – светлечките тела се адекватно поставени со цел да ги осветлат сите ѕидови и агли, па сепак да даваат дискретна дифузна светлост.
Проектот ЛК „Лихнидос“ го реализира во чест и слава на Света Мајка Богородица, која со поглед го опфаќа целиот свет. Официјално новото внатрешно осветлување на Перивлепта ќе биде пуштено во употреба на празникот Св. Трифун, на 14-ти Февруари.
OhridNews