Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во рамки на оперативната обработка „Јустициа“, поднесе кривична пријава против 14 судии вработени во Одделението за прекршоци при Основниот суд Скопје I, како и против 11 судски службеници од истиот суд, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во текот на 2012 и во првото тромесечје од 2013 година, пријавените постапувајќи по прекршочни предмети кои биле примени во судот во текот на 2010 година, го оштетите државниот Буџет за 1 308 515 евра за ненаплатена пресудена глоба, односно за 3 773 500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал за околу 8.000 застарени предмети.
„Имено, пријавените лица во својство на судечки судии кои ги воделе прекршочните постапки, во договор и со посредство на судските службеници кои работеле во истото Одделение, ги воделе судските постапки без притоа обвинетите да се појавуваат на рочиштата, односно со констатација дека истите се недостапни за судот, а се со намера да помине подолг временски период и да се оддолжи постапката. Најчесто, по одржување на последното рочиште, судијата во законски предвидениот рок, а понекогаш и по истекот на тој рок, носел осудителна пресуда и изрекувал санкција во глоба и мерка забрана, а во месечниот извештај го прикажувал предметот како казнив и пресуден. Меѓутоа, наместо да ја верификува и експедитира пресудата во прекршочната писарница, судијата, вака донесената пресуда ја чувал кај себе подолг временски период, односно до периодот после застарување на делото. Откако истото ќе застарело ја верификувал и доставувал во писарницата. Исто така, судските службеници примерок од пресудата по налог на судиите, доставувале само до подносителот на пријавата, а не и до обвинетиот.“ – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во текот на денот, по претходно преземени оперативно тактички мерки, 24 лица се лишени од слобода и изнесени пред надлежен Јавен обвинител, додека во моментов се уште се работи на обезбедување на уште еден судија.
OhridNews













