Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска на прес конференција ги повика сите лица коишто се во социјален ризик од среда да се пријавуваат во надлежните центри за социјална работа за да може да ги добијат новите надоместоците предвидени со социјалната реформа. Исплатата на социјалните права според новите закони почнува во текот на идниот месец, а помошта се зголемува за околу 300%.

Се однесува на сите коишто досега примале социјална помош, домаќинствата со деца коишто се со една минимална плата, невработени родители коишто чувале деца со попреченост, а се над 62 години за жена и 64 години за маж, и лица над 65 години коишто не оствариле право на старосна пензија, поради тоа што немаат доволно години стаж, вклучувајќи ги и тие без ден работен стаж.

Министерката истакна дека со социјалната реформа четири члено семејство со две школски деца ќе земаат месечен надоместок од 10.600 денари. Ова е семеен пакет кој што ги содржи правата од гарантиран минимален приход, детскиот и образовниот додаток и енергетскиот додаток. Истото семејство сега најчесто земаше социјална помош од околу 3.000 денари.

Со реформата за прв пат во државата се воведува социјална сигурност за стари лица. Месечниот надоместок изнесува 6.000 денари, и се очеува да го користат околу 6.000 лица кои не оствариле право на старосна пензија.

За домаќинствата каде што и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за социјална мерка, а не на право поврзано со пензискиот систем.

За лицата со попреченост и за нивните семејства со реформата се развиваат неколку нови услуги. Една од нив е одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за лица со попреченост. Новина во законот е тоа што правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето плата. Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – Лична асистенција и услугата Домашна нега.

OhridNews