Во Центарот за култура, вчеравечер, во присуство на бројни охриѓани и гости, се одржа свечената академија по повод одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски-Патрон на градот. Пред присутните се обрати градоначалникот на општина охрид, Никола Бакрачески кој истакна дека денес, 1.100 години потоа, не смееме да го квалификуваме времето како тешко и дека нема потклекнување пред предизвиците.

– Затоа што ние сме нација со борбен дух… нација пиреј, нација за која континуитетот е императив! Охрид со сета природна божественост и духовна големина секојдневно ме потсетува на обврските и почитта кон сите оние кои го изградија, но и на сите оние кои и денес работат за неговиот просперитет. Знам и имам верба во моите охриѓани дека сите ние заедно со безрезервно вложување на нашиот интелект, потенцијал и капацитет ќе го издигнеме Охрид во полн сјај, рече Бакрачески.

Во рамки на свеченоста, од страна на градоначалникот Бакрачески беа доделени највисоките општински признанија- наградата Св.Климент Охридски-Патрон на Охрид“ која годинава ја доби основното музичко училиште „Методи Патче“ и повелбата која отиде во рацете на младата охриѓанка, олимпијката Нина Балабан.

– Ми причинува голема чест што вечерва стојам пред овој почитуван аудиториум на свечената академија со која Охрид го одбележува празникот на својот заштитник, чудотворецот, духовен просветител и светец Климент Охридски, чии дела ден денес силно одекнуваат како ехо низ овој древен град,  каде Св. Климент творел и го создал словото од кое се описменија многу нации. Уште поголема е честа да се прими наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“, највисокото признание што го доделува градот, дотолку повеќе што ја примам во име на ОМУ Методи Патче, институција која повеќе од пет децении е пример за успешно работење и која достојно ја репрезентира музичката култура преку младите кои штотуку почнале да навлегуваат во тајните на музичката уметност и бројните награди и признанија што тие во контунуитет ги освојуваат на домашни и меѓународни натпревари, но и преку докажани уметници кои патот до светската слава која ја имаат денес, го почнале токму од ОМУ Методи Патче, истакна директорката на ОМУ „Методи Патче“, Емилија Маринова.

Свечената академија заврши со настап на Македонскиот камерен оркестар, проследен со видео анимации и хорот и рецитаторите од ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Претходно, во Центарот за култура беа одржани и традиционалната изложба на Фото клубот Охрид и изложбата на роднокрајни уметници.

Активностите за одбележување на денот продолжуваат денес со полагање свежо цвеќе пред моштит ена Свети Климент и со Откривање спомен-плоча посветена на Михајло Пупин, откривање спомен-плоча посветена на старото дрво кочеџик и пригодна изложба на стари фотографии од комплексот на Перивлепта и од градот Охрид (опфатен е периодот од 1920 до 1930 година).