Денот на патронот и заштитник на градот, Свети Климент Охридски, 8-ми Декември, општина Охрид ќе фо одбележи достоинствено со бројни свечености.

Чествувањата ќе започнат на 7 декември  со промоција на збирката поезија „Средби со Диоген“ од Христина Аслимоска, минатогодишната добитничка  на Повелбата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“ од областа на книжевноста. 

Промоцијата ќе се одржи во големата сала на општина Охрид со почеток во 18 часот.

Свеченостите ќе продолжат  во основното училиште „Св. Климент Охридски“ со свечена приредба на учениците по повод патрониот празник на училиштето која ќе започне во 19 часот.

На 8-ми Декември,  четврток, делегации на градот, претставници на институции и гости ќе се поклонат пред моштите на Св. Климент Охридски (10 часот)  по што ќе положат свежо цвеќе на спомениците на Св. Климет Охридски во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“ и на Градскиот плоштад. Во чест на Празникот, во 18 часот во изложбениот салон во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи ликовна изложба и врачување на награди од конкурсот за најдобри литературни, музички и ликовни творби на учениците на ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Во галеријата на Центарот за култура „Григор Прличев“ во 19 часот ќе се одржи и традиционалната  изложба на роднокрајни ликовни уметници.

Во големата сала на Центарот за култура со почеток во 20 часот, во организација на општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ и Локалната самоуправа ќе се одржи свечената академија во чест на Св. Климент Охридски – заштитникот на Охрид. На акдемијата свечено обраќање ќе има градоначалникот Александар Петрески, а ќе бидат врачени годинешните награди и повелби „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“.

OhridNews