Охридската локална самоуправа во текот на оваа година планира да издвои средства за финансирање на локални микропроекти за поттикнување на економскиот развој во Охрид. Ова е предвидено во Програматa за поддршка на локалниот економски развој за 2016 година, согласно Стратегијата за одржлив развој и Стратегијата за рурален развој на општината.

-Мерката ќе се реализира преку промовирање и изнаоѓање стимулативни мерки за поттикнување на партиципативното учество на заедницата во општествениот развој на микрозаедниците. Критериумите, предусловите, процедурите и постапките  кои треба да се остварат ќе бидат објавени по пат на Јавен повик за финансирање микропроекти. Право на учество на Јавниот повик ќе имаат сите невладини организации независно од областа на нивното делување како и  Месните и Урбани заедници, пишува во објаснувањето за оваа мерка.

Исто така во рамки на програмата во делот на мерките за зајакнување на локалниот економски развој и зголемување на конкурентноста на претпријатијата  се предвидува поттикнување на партнерства и стимулативни мерки, како модел за поддршка на развојот на Малите средни претпријатија и претприемништвото.

-Во рамки на оваа програмска активност предвидено е да се реализираат периодични истражувања и анализи за економските движења, како и анализи на приоритетните стопански гранки, техничка помош, екпертиза и трансфер на знаења од страна на експерти за развој на Мали средни претпријатија. Реализацијата на оваа програмска активност ќе се одвива преку организирање и учество на форуми, јавни трибини, презентации, саеми, и други промотивни настани во Македонија и странство, во заедничка соработка со бизнис заедницата од Охрид, Стопанските Комори и други институции од економскиот сектор. Исто така, со цел стимулирање и поттикнување на микро и мали компании од Охрид, предвидено е нивно кластерско презентирање на домашни и на странски саемски манифестации во партнерство со општината, се појаснува во описот на програмата.

Освен овие мерки во рамки на програмата ќе се издвојат средства за спроведување на Активни мерки за подобрување на конкурентноста на пазарот на труд, за Промоција на можностите за инвестирање во општина Охрид, за реализација на Едукативно информативни работилници и семинари за можностите за искористување на средствата од ИПАРД програмата како и за организирање на Советувања и обука на производителите за производство на органска храна.

OhridNews