На Охрид му недостига вистинска стратегија за развој на туризмот, сметаат членовите на Локалниот економски совет, кој денеска одржа итна седниц во проширен состав, на која се анализираше тековната туристичка сезона, која засега е послаба од очекувањата.
Заседаваше Локалниот економски совет
Спорeд стручњаците, сега е доцна да се направи било што за подобрување на тековната сезона, но веднаш по нејзиното завршување треба да следи сериозна анализа на состојбите, врз основа на што треба да започне изготвувањето на стратегијата за развој на туризмот во Охрид.
– Охрид мора реално да ги дефинира туристичките потенцијали, само така ќе ги најде вистинските одговори во кој правец ќе тргне туризмот во Охрид.-рече Бранко Азески – претседател на Стопанската комора и член на Економскиот совет на Охрид.
Бранко Азески – претседател на Стопанска комора на РМ
Според локалниот економски совет, Охрид во наредниот период мора да се подготви максимално да ги искористи придобивките од изградбата на автопатот кон Кичево, како и подобро да го искористи аеродромот „Св. Апостол Павле“, каде освен чартер летовите во сезона, редовните линии се вистинска реткост.
–Ние цврсто сме убедени дека од наредната година ќе имаме можност да изнајдеме авио агенција која ќе пројави интерес да воспостави редовни летови, не само чартер летови преку сезона, значи да се воспостават регуларни летови преку цела година да можеме да направиме екстензија на сезоната и она што Охрид го нуди надвор од летната сезона во дел на културата, спортот, природното, култрурно и историско наследсво да им го понудиме на гостите преку целата година.-изјави градоначалникот Никола Бакрачески, кој воедно претседава со Локалниот економски совет.
Д-р Никола Бакрачески – градоначалник на Охрид
Експертите укажуваат дека Охрид треба да поработи на подобрување на услугите во угостителските објекти, во насока на збогатување на менијата и понудата, да се вметне гастрономска креативност со цел да се избегне едноличноста која преовладува веќе подолг период. Што се однесува до тековната сезона, според нив, итно треба да се воведат маркетиншки мерки, кои можат да донесат подобри резултати.
-Угостителските објекти да воведат „хепи ауар“, а хотелите за да се зголеми должина на престој на гостите да излезат со иницијативи за намалување на цените во периодот кога објектот е понепосетен.-вели Лела Крстевска, претседател на Стопанската комора за туризам.
Лела Крстевска – претседател на Стопанската комора за туризам
Општината и туристичките работници изразија загриженост поради помалиот број на гости во Охрид во главната сезона. Како што беше истакнато од членови на економскиот совет, тоа се должи на бројни фактори, меѓу кои и верскиот месец Рамазан, лошите временски услови, негативните туристички трендови на Балканот, намалената економска моќ на населението и друго. Иако цените на услугите во Охрид се сериозно критикувани во јавноста, локалните авторитети и туристичките работници не сметаат дека тоа е причината поради која Охрид бележи слаба сезона, посочувајќи дека градот има понуда за секој џеб, но и дека е потребно да се изготви маркетинг стратегија за подобрување на нарушениот туристичкиот углед на Охрид.
Г. Момироски