Во предвечерието на големиот празник Св. Климент Охридски, заштитникот на Охрид, на денешен ден пред 10 години официјално со работа започна првиот информативен интернет портал кај нас “www.ohridnews.com”. Внесувајќи нов тренд во информирањето, цврсто држејќи се до професионалните стандарди и етички норми, во изминатата деценија OhridNews изгради доверба кај читателите на релевантен извор на информации.
За 10 години постоење OhridNews продуцираше над 102.000 информации, преку илјада видео емисии, интервјуа, кампањи, преноси… со милионски прегледи. Според аналитичките податоци на Google, порталот секојдневно бележи околу 15.000 уникатни посети и десетици илјади прегледи на содржини, што OhridNews го сврстува на врвот во медиумскит простор кај нас. Со години порталот е во официјална конкуренција на националниот избор на најдобри информативни портали. Според податоците на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), OhridNews минатата година го зазеде високото десетто место во Македонија како извор на информирање на граѓаните за политички вести од интернет и информативни портали, пред веб страниците на повеќе национални телевизии, весници и интернет сајтови.
Низ годините OhridNews растеше кадровски и технички се подобруваше и осовременуваше, воведувајќи нови содржини и поставувајќи стандарди кои се репер за квалитетно информирање. OhridNews меѓу првите започна со емитување на високо професионално изработени видео прилози и емисии и реализација на преноси од настани во живо на интернет, тренд кој продолжува и денеска.
Во изминатите десет години покрај висок професионализам, непристрасност и објективност по што е препознатлив, OhridNews покажа исклучителна општествена одговорност поддржувајќи бројни хуманитарни, еколошки, спортски, културни и други проекти. За својот придонес во афирмацијата на Охрид, OhridNews во 2008 година го доби највисокото општинско признание Св. Климент Охридски – патрон на градот, а во 2010 година стана првиот информативен портал во Македонија кој ја доби Националната награда за придонес во развојот на демократските процеси. Тука се и бројни признанија од институции, невладини организации, спортски клубови, асоцијации, здруженија…
Но најмногу од се горди сме на високата доверба која ни ја укажуваат илјадниците читатели кои десет години се будат и заспиваат со OhridNews, не следат, подржуваат, но и не корегираат и ни помагаат да ги исправиме грешките. Да, нив ги има, бидејќи како што вели онаа народната, кој работи тој и греши, но OhridNews никогаш во своето постоење не ја злоупотребил својата медиумска моќ за пресметки со конкуренцијата, лични пресметки, тенденциозна дискредитација на личности, компании, институции и и никогаш не се ставил сервилно во функција на разно разни интересни групи, и токму затоа денес нашиот портал останува едно од ретките неконтаминирани островчиња на слободната мисла и професионално новинарство. И натаму ќе продолжиме да информираме објективно, навремено и проверено за сите случувања од интерес за јавноста, доследно почитувајќи ги новинарските принципи.
Во оваа прилика, уште еднаш посебна благодарност изразуваме до нашите клиенти и деловни партнери. Дел од нив се со нас од самиот почеток што говори за високата доверба што порталот ја ужива во бизнис заедницата, затоа што OhridNews 10 години е во чекор со времето.
Десеттиот роденден OhridNews во текот на декември ќе го одбележи со бројни активности, но и изненадувања за читателите, како и со издавање на третата годишна ревија на настани која е во подготовка.
Ваш „OhridNews“