Охридскиот уметник, академскиот сликар Јордан Манасиевски , својата уметност ќе ја претстави во Фиренца- Италија, како еден од 600 уметници од над 70 земји кои наредната недела ќе учествуваат на осмото по ред Биенале на уметноста.

Манасиевски е единствениот од Македонија кој меѓународното жири го избра да изложи свое дело на престижната манифестација. Тој ќе се претстави со маслото на платно „Визија на радоста“.

Биеналето во Фиренца се истакнува според високопрофесионалната организација. На манифестацијата може да се учествува само со покана од страна на организаторите.

Биеналето ја доделува наградата „Лоренцо де мањифико“, кое досега го имаат добиено Џеф Кунс, Марина Абрамовиќ, Жилбер и Жорж и многу други познати автори. Годинава наградата за животно дело ќе им бидат врачени на Хозе Луис Куевас, сликар, скулптор, писател и политичар, кој се смета за еден од најголемите современи уметници денес, и на Агата Руиз де Ла Прада, една од најголемите дизајнерки на сите времиња, чија колекција има исклучителен уметнички израз.

OhridNews