Полека изминува и 2014 година. Време е за сумирање на впечатоците. Годината која ја испраќаме беше исполнета со настани, некои убави, други помалку. За жал и годинава насловите во медиумите ги полнеа вестите од црната хроника, но за среќа имаше и светли моменти. OhridNews традиционално, осма година по ред во соработка со колегите од другите редакции, дописници и аналитичари прави пресек на настаните кои ја одбележаа 2014. Еве како на 2014 година гледаат охридските новинари.

Веле Митаноски – колумнист, аналитичар и дописник на Утрински Весник (Сепак има надеж!)

Годината која ја оставаме зад нас, за жал, ќе ја паметиме како уште една што ја изеле скакулци! И на мегународен и на домашен план. После украинската криза и трагичните настани на Блискиот Исток, светот, на политички план, е во фаза на ново, сериозно заладување, поделба и криза. Во земјата ништо ново, иако властите настојуваат да создадат перцепција дека нешто сепак се поместува, што јас го нарекувам “Нишање на возот!”. Не е важно дали навистина се движи, важен е впечатокот! На политички план, ситуацијата е речиси безизлезна. Во македонскиот политички блок, едните (СДСМ) велат: Што ќе ни е партијата ако ја немаме државата, другите (ВМРО ДПМНЕ), практично, работаат на тоа: Што ќе ни е држава со институции, ако немаме силна партија! Во албанскиот блок, лидерот “М-р Калашников” вели: Само една партија во власта и уште една за декор. Никако трета сила! Се крсти во Скендербег, а му се моли на Тендербег! Живееме во земја која е глобален потсмев и единствен пример во парламементарната демократија, воопшто откако е измислена, во која опозицијата и новинарите се на клоци избркани од “храмот на демократијата”!!!

Ако е нешто за утеха, сепак, имаме некаво враќање на надежта и вербата, со зародишот на некакво општествено раздвижување, врзано со студентските протести – како автентичен процес, со граѓански, а не моноетнички и политички контекст. Кога во првите редови ќе ги видите еден Унковски, Шкариќ, или Силјановска-Давкова, сепак, се отвора барем зрак во тунелот на политичката безизлезност. Во тој бедем од светски авторитети, застана и нашиот Патар Попоски, веројатно најдоброто “наше а светско” во последниве децении.

На медиски план, ништо подобро. Новинарите застанаа уште поцврсто во политичките ровови, власта ги купува на уште побезобразен начин, професионалноста е деградирана, растат поделбите, мегусебните обвинувања, навредите. Судски процеси – новинари, против новинари! Да не изгледа се така црно и безнадежно, сепак, ќе го цитирам светскиот авторитет, охриганецот академик Цветан Грозданов: “Успеавме да ја вратиме Златната маска во Охрид, вашите апели вродија со плод”. Сепак, има надеж.

Татјана Маленкова – уредник во О2 телевизија

2014 год. Година во која влеговме со многу надеж и оптимизам, но истата протече без некои позабележителни настани. Кога се споменува 2014 веднаш ме асоцира на Концертот на светската музичка атракција „Тhe voca people“, но и на успешната хуманитарна акција на охридските новинари „За еден детски живот“, за што вложивме многу напор, но финалниот резултат е нашиот успех. Неможам да не споменам уште една хуманитарна акција од која дел беа познатите личности од Охрид. Тоа е хуманитарната акција во Аквариус, кога познатите беа келнери, а парите кои ги собраа отидоа во рацете на дневниот центар Зраци.

За жал за охриѓани не може да се каже дека годинава беше најуспешна, но народот знае да каже, „крајот го краси делото“. Дефинитивно најпозитивниот настан по кој ќе ја паметам годинава која изминува и професионално и приватно е старувањето со работа на Регионалната О2 ТВ. Иако тоа се случи во месец декември, подготовките за освежувањето во медиумскиот етер треаја подолг период, а резултатите пак допрва следуваат. Може да кажам дека приватно оваа година за мене е една од најуспешните, затоа што тим од професионалци ми дадоа доверба и можност да одам напред и да напредувам во кариерата, за што од срце им благодарам.

На крај би рекла искрено очекувам и се надевам дека 2014 беше само напорот кој го вложивме сите, за што почетните позитивни резултати ќе ги видиме во годинава која доаѓа.

Валентина Неловска – ТВМ

Се ситнат последните денови од месец декември.Време кога најчесто на крајот од годината се сумираат професиоанлните и личните резултати, и кога се издвојуваат моментите по што ке се памети годината на заминување. Ова 2014 Господово лето го сместувам во турбулентните времиња како неизвесно, со успони и падови. Време измешано со убави, но и грди слики од нашето опкружуванје. Во турбулентни времиња, велат, важно е да се зачуваат духот и здравиот разум. Јас во моето резиме ќе ги набројам само убавите по кои ке ја паметам 2014 година.

Тоа е настапот на виолинистот Небојша Радуловик, на фестивалот Охридско лето , кој со својата музичка изведба и младешки оптимизам внесе светлина на кратко во секојдневието на охриѓани.

Друг настан кој допре до моите емоции е будењето на заспаната солидарност кај колегите. Поточно несебичната, меѓусебна поддршка на професорите од ОУ „Братство Единство“, кои одлучиле дел од својата награда за постигнатите резултатите од екстерното тестирање да ја споделат со казнетите колеги кои потфрлиле со резултатите. Без намера да навлегувам во исправноста на нечија одлука околу казните честитки за гестот на професорите.

Кон овие настани го вклучувам концертното уживанје „Let it snow“ приредено од Петар Маркоски квартетот, со Емилија Мариноска и Горан Папаз, за внесената топлина и радост со нивната изведба и ентузијазам, за своите сограѓани да приредат незаборвна предновогодисна вечер.

За грдите нешта кои се случуваат во животот околу нас, не се сакам да споменувам. Сакам да останат зад нас, да се заборават и надминат. Погледот и мислите ги насочувам кон ново утре со заеднички сили да го направиме подобро.

Срекна Нова 2015 им посакувам од се срце на сите читатели на OhridNews.

М-р Милчо Јованоски, новинар – дописник на Дојче веле и СБС – Австралија

Колегите од веб порталот „Охрид њуз“ и годинава ме замолија да напишам по што ќе ја паметам 2014 година која е на заминување? Им благодарам на честа и вниманието.

Можеби поради денот кога го пишувам ова, во кој го одбелжувам педесеттиот мој роденден – чувствата ми се измешани, но како и секој човек така и јас им давам предност на оние убавите случки и нешта пред останатите.

Пребарувам по мислите и тешко ми е од прва што се вели да се сетам на настан од пошироко значење кој ми оставил посебен белег во професионална – новинарска смисла на зборот. Секако ги имаше. Сепак, традиционално се задржувам на неколку настани од културата која како област ја следам со децении. Редоследот, сигурно можеше да биде и поинаков.

Според мене на пиедесталот во оваа сфера е Јубилејниот концерт на ОМУ „Методи Патче“ одржан во јуни, во катедралната црква „Св.Софија“ во чест на 50. години од постоењето на училиштето. На едно место да се видат неколку генерации на сцената е реткост, а флудиот меѓу музичарите и публиката уште ми раѓа емоции во мене. Честитки за сите од првиот, основоположникот на училиштето Наум Гаврилоски до денешната директорка м-р Нина Момировска, како и на сите останати вклучени во реализацијата на овој проект кои се покажаа како вистински вљубеници во музиката и ни подарија несекојдневен настан за паметење. ОМУ „Методи Патче“ е расадник на музички образовани таленти и институција која од ден во ден ја збогатува музичка култура во градов.

Ме радува доделувањето на највисокопто општинско признание Наградата „Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид“ за 2014 година на интернационалниот академски уметник, прескромниот Јордан Манасиески. Тој ја понесе славата на охридската и македонската уметност од Њујорк, преку Париз до Токио и Фиренца. Од Интернационалниот Биографски центар во Кембриџ – Англија е препорачан да влезе во престижниот речник на Интернационални биографии за минатата година и истовремено Комисијата за награди го номинираше во Топ 100 професионалци за 2013 година, а оваа година ИБЦ – од Кембриџ му додели сребрен медал и уметникот Јордан Манасиески го прогласи за „Човек на годината за 2013“година.

Настан за мене се и трите премиери за три месеци и враќањето на Народниот театарод Охрид на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“. За „Пат околу светот“, „Детектор за лаги“ и „На дното“ се бара билет повеќе .Театарот ентузијазмот го заменува со градење на зрелост, осет за колективна игра и актерски креации.

Меѓу настаните кои според мене ќе останат забележани од изминатите 365 дена е изложбата на група ентузијасти поврзани преку социјалната мрежа Фејсбук „Охрид слики од минатото“ кои во чест на Осми декември – Денот на св. Климент Охридски во „Куќата на Уранија“ отворија несекојдневна изложба на фотографии преку која младите можеа да видат како изгледал Охрид некогаш.

Се надевам нема да звучи претенциозно, но на листата од настани ќе го придодадам и третото издание на манифестацијата „На зајдисонце“ која ја организираме заеднички – ние членовите на Здружението „За Трпејца со љубов“. Во кое има и мој личен печат.
Професионално се течеше по некој зацртан ред. Драги ми се неколкуте интервјуа направени за веб порталот „Охрид прес “ и серијата аудио интервјуа за „Охрид1“ под наслов „Мојот живот, мојот свет“ кои се своевидни портрети за луѓе од Охрид и пошироко кои на себе својствен начин оставаат трага во колективната меморија и живеењето.

Приватно на оваа 2014 година ќе се сеќавам на магистрирањето на мојата сопруга Гордана, на нашиот семеен одмор во Ксамил – Албанија…
Среќна Нова – Животот е убав и полн со предизвици кои треба да се остварат!

Нина Аритоновска-Сител телевизија

Фестивалот Охридско лето не случајно години наназад преставува најголемата културна музичко сценска манифестација, препознатлива не само кај нас туку и во светот, oтварањето на Златната соба во Куќата на Робевци , hуманираните настани за помош на оние на кои им е најпотребна, vоведувањето на новата бродска линија Охрид –Поградец ,најавените инвестиции од gерманската компанија „ODW ELEKTRIK“ и индустрискиот гигант Костал за економски развој на градот се само дел од оние настани кои според мене ќе останат запаметени во годината која што измина, но остануваат уште многу активности кои треба да се реализираат во следната година.

Но кога размислував и се навраќав наназад се присетив и на многуте негативни нешта кои ни се случија и го потресоа охридско-струшкиот регион а тоа е двојното убиство кое што се случи во Охрид и Вевчани потоа неколкуте фатални сообраќајни несреќи со жртви на патиштата.

Посакувам Новата 2015 година на сите граѓани, да им донесе здравје, мир, благосостојба и секој ден да им биде исполнет со смеа и радост а останатото си доаѓа само по себе . ..Нека ви се исполнат сите соништа.Среќна Нова година!!!

Филип Јовановски – A1 on

Зад нас е уште една година, која за жал, барем според мене, ќе остане само како бројка. Во неа не се случи ништо конкретно кое би не одвело чекор напред, изземајќи ги студентските протести. Токму студентските протести се настан број еден кој ќе го одбележи 2014-тото лето Господово. Дефинитивно една рана е залечена во нашето општество – студентите. Баш таква младина ни е потребна за здраво и цврсто општество и мене ми е навистина жал што до сега ја немаше оваа активност. И да истраат до крај.

Го нема веќе Субрата Рој за кого се раскажаа безброј бајки во изминатиов период. Сигурно дека една од најнегативните постапки запаметени во минатата година, која мене ме погоди, ќе биде одземањето на црковното земјиште од страна на државата.

На локално ниво, иако јас, а и многу мои сограѓани имаа големи очекувања, тие не се остварија годинава. Често сум знаел да критикувам со цел да придонесам во побрза реализација на истите. Не почна изградбата на затворениот пливачки базен, ги немаме големите крупни проекти како достојна автобуска станица, затворен пазар, катна гаража и многу други, на кои сите ние се надевавме. Тука се и многубројните „проекти“, штетни за културното наследство во Охрид, посебно на Плаошник. Да не го заборавам и спортот во нашиот град, на коj му е потребно многу повеќе внимание од сегашното. Но, истите очекувања, за подобар Охрид, ги пренесувам за наредната година и конечно јас и моите сограѓани ќе можеме да се радуваме на подобра живот во нашиот град во кој младите нема да го бараат својот животен пат надвор од него. Охрид да биде најдостојното живеалиште за младите.

На крај, посакувам односот во новинарството и кон новинарството во нареднава година значително да се промени во подобра насока.

Мики Трајковски-новинар во НОВА и Радио Слободна Европа

Кога треба да напишам мое видување за Охрид, ќе кажам дека најмногу ме загрижува негативниот тренд на иселување на млади луѓе од градот кој продолжи и во 2014 година. Според официјалните статистички показатели Охрид е на врвот во Македонија по бројот на иселување и тоа најмногу во странство. Тоа е нешто на што во 2015 година треба да се обрне посебно внимание и да се даде особен придонес. Би го напоменал и исклучувањето од електрична енергија на основното училиште Григор Прличев, а 800 деца неколку дена смрзнуваа во училиштето исто како и исклучувањето од струја повеќе од еден месец на спортската сала Билјанини извори во Охрид каде спортските екипи од градот ги реализираат своите тренизни. Не навлегувам кој е виновен за тоа што ни се случи но едноставно не е дозволиво во 21 век да ни ја исклучуваат струјата. Охрид е град каде на припреми доѓаат спортски екипи од цел Балкан и пошироко, но жалосно е што во 2014 година поради немање финансии, неколку спортски екипи како што е кошаркарската екипа и женската ракометна екипа ги откажаа натпреварувањата во прволигашките конкуренции, но одавам почит на машкатаракометна екипа и одличбата организација.

Но не е се така црно. Она што од позитивен аспект сакам да го истакнам е почетокот со работа на германската компаника ОДВ електрик во Охрид. После долгодишен застој на охридското стопанство иако скромно за почеток тие почнаа со работа. Овде би ја издвоил и најавата за влез и на втората германска компанија Костел која исто така донела одлука да инвестира во нашиот град.Помеѓу Охрид и Струга почна да се работи на ставање во функција на технолошко индустриската развојна зона која треба да донесе нов момент во перпскетивите на градот. Локалните власти се обидуваат во тешки времиња да придонесат за градот преку она што не е направено да го прават, се отворија детски игралишта, мали плоштади, се асфлатираа улици, се среди влезот на Охрид и уште неколку други проекти кои се реализираа или се во фаза на реализација, а дел од долгот на општината се намали.

2015 година очекувам да биде подобра за Охрид, да стигнат парите од Светска банка и да се реализира она што треба да се реализира, да се остварат ветувањата за затворен базен но и да почнат да се градат капиталните проекти како затворен пазар и автобуска станица, а руинираната “Маларична“конечно да стане минато. 

OhridNews