Државната комисија за спречување на корупција( ДКСК) денеска ги објави имотните листови на новите собраниски пратеници.
Според податоците на ДКСК, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски пријавил дека има пари во банка, нешто во кеш, како и уметнички слики. Заштедата на Груевски е најголема во денари, или 9 милиони и 600 илјади денари (над 150 илјади евра), додека во девизи има заштедено 41.000 евра, 2.000 швајцарски франци и по неколку стотини долари и фунти.
Од друга страна, претседателот на СДСМ Зоран Заев нема заштеда во банка, но имаат неговата жена и ќерка, околу 35.000 евра. Заев во анкетниот лист пријавил куќа, земја, деловен простор и стан во Струмица, кои гласат на име на неговите родители.
Охридските пратеници поседуваат куќи, станови, земјиште, чамци, банкарски депозити.
Пратеничката од редовите на СДСМ Жаклина Лазареска во анкетниот лист пријавила недвижен имот: куќа 222 м2 во Охрид на име на брачен другар во вредност од 6.150.000,00 денари, два помошни објекти од 46 и 29 метри квадратни во вредност од по 922.000, односно 400.000 денари, и двата имот на брачен другар. Од подвижен имот пратеничката Лазареска пријавила лично возило Фолксваген Поло од 2001 година вредно 120.000 денари, како и Пасат од 2002 година проценето на 180.000 денари, сопственост на брачаниот другар, како и возило на своите деца Ауди А4 (2007) од 300.000 денари. Пратеничката има два активни кредити во вкупна вредност од 1.180.000 денари.
Пратеникот од редовите на СДСМ Томислав Тунтев во анкетниот лист пријавил дека поседува три стана, еден од 85 метри квадратни во Охрид, еден од 50 метри квадратни исто така во Охрид, двата на лично име, како заеднички имот на семејството и уште еден заеднички имот од 39 метри квадратни во Скопје. Неговиот недвижен имот е проценет на нешто над 11.6 милиони денари. Пратеникот вози Рено Сеник од 2004 (170.000 ден.) и мопед (18.000 ден.), а неговиот брачен другар Рено Каптур од 2015 година (750.000 ден.). Тунтев пријавил девизна штедна книшка од 6000 евра, и уште 6.000 евра на име на децата, како и денарски депозит на брачниот другар од 1.230000 денари.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Сашо Василевски во анкетниот лист пријавил стан од 91 м2 во Скопје од брачниот другар и гаража во Скопје од 16 м2 исто така од брачниот другар, деловен простор во Куманово на име на брачниот другар од 22 м2, четири куќи од неговите родители од 388, 59, 381 и 79 м2 во Охрид со вкупна вредност од 52.750.000 денари, земјиште на име на родителите од околу 25000 м2 во Охрид и Лакочереј вредно повеќе милиони денари, моторно возило Мерцедес (970.000 ден.) моторен чамец (500.000 ден.), како и моторни возила на неговите родители и брачниот другар, подвижен имот – благородни метали на брачниот другар, уметнички слики и колекционерски предмети. Василевски на лично име и брачниот другар има побарувања по основ на заем од 2.750.000 денари, како и повеќе банкарски депозити од 729.000 денари, 1441 долар и 4000 евра. Василевски отплаќа кредит од 210.000 денари.
Во анкетнот лист на Комисијата за спречување на корупцијата нема податоци за пратеникот Љубен Арнаудов, но таму се уште стои пријавениот имот од времето кога тој беше директор на општата болница во Охрид. Во него се наведува дека Арнаудов поседува куќа од 85 м2 во Охрид, сопственост на неговите родители и лично моторно возило Рено Меган, но не е наведена нивната вредност.
Својата законска обврска за пополнување на анкетните листови ја извршиле 118 пратеници, додека одговорите на уште двајца се очекуваат преку пошта.
OhridNews