Вкупно 135 средношколци од сите четири средни училишта од Охрид ќе учат техники за создавање на филм и фотографија во рамки на Меѓународниот филмски фестивал за млади „Џифони“, кој овој викенд ќе се одржува на Институтот за филм во Охрид.

Овој дводневен настан е дел од проектот „Џифони патува“ и има за цел да го прошири културниот производ „Џифони“ низ Македонија со вклучување на голем број на млади вљубеници во филмот.

-Со овој проект започнуваат да се остваруваат нашите заложби за потткнување на креативноста кај учениците од средните училишта и младите охриѓани кои во голем број покажаа интерес за учество на фестивалот, кој вклучува богата филмска и едукативна програма, рече Зоран Вељаноски Летра, претставник на Институтот за филм од Охрид.

Директорката на „Џифони Македонија“, Елена Величковска рече дека форматот на фестивалот е многу посебен и ги вклучува децата не само како публика туку и како активни учесници во процесот на режирање на филмовите.

-Ова е еден голем проект каде што учесниците кои се на возраст од 14 до 18 години ќе гледаат филмови по што ќе следи дикусија за тие филмови, модерирана од страна на експерти од областа и на тој начин младите сами ќе доаѓаат до одговори. Исто така тие ќе учат што е техника на снимање, како се снима, а ќе се запознаат и со интересни аспекти од филмската музика. Во попладневните часови ќе имаат можност да бидат дел од едукативни работилници кои вклучуваат филм, фотографија и филмски жанрови, појасни Величковска.

Во рамки на проектот „Џифони патува“ до сега биле вклучени околу 700 средношколци од Македонија од три возрасни категории. Охрид е последниот град домаќин на овој фестивал, кој во текот на оваа година гостувал и во Прилеп и Битола.

Е.М