Како дел од проектот „Охрид – туристички бренд што ветува” што е во завршна фаза, стотина странски туристи беа прашани меѓу другото и која им била првата, иницијална мисла поврзана со Охрид, а пред да го посетат. Од понудените осум одговори на специјално за проектот изработен анкетен лист, странците како прва мисла односно асоцијација за Охрид го посочуваат „прекрасното езеро” (39%) односно дека Охрид е град со „природна убавина” (15%).

Висок процент сметаат дека е „град со значајна историја” (24%) и „културно наследство” (10%).  Мал дел од гостите како прв впечаток за Охрид е дека е „евтина туристичка дестинација” (6%), додека ниту еден од испитаниците не го поврзал првично Охрид со добрата националната кујна, што пак исто така е составен дел од туристичката промоција на Охрид.

Според овие резултати, може да се заклучи дека на странските туристи, пред да го посетат Охрид, повеќе им привлекуваат внимание природните карактеристики на Охрид отколку неговото културно и историско значење.

Комплетните резултати и заклучоци од истражувањето, ќе бидат објавени на веб страната на Општина Охрид и на сајтот на Здружението Е КУЛ ТУР http://ekultur.weebly.com/

OhridNews