Во завршна фаза е тендерот за набавка на нова информатичка опрема наменета за вработените во администрацијата во охридската локална самоуправа со цел да се воспостави подобра координација на сите одделенија кои функционираат во рамки на општината, информира градоначалникот Никола Бакрачески по неговата средба со министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.  

Целта е да создадеме еден интегративен систем кој досега воопшто не беше воведен во локалната самоуправа за да имаме поефикасна администрација, да ги рационализираме активностите и да се овозможи подобра координација на сите одделенија во рамки на локалната, а со тоа во иднина да има поквалитетен сервис за граѓаните кои ќе добиваат и  понавремени услуги за разлика од досега, изјави Бакрачески.

Министерот Ивановски нагласи дека наскоро ќе следи и дообука на поголемиот број вработени во општинската администрација преку системите на министерството , како што се системот за микро учење и преку далечина.

Со оглед на наследениот голем број вработени во администрацијата, меѓу кои има и кадар кој бил вработен со несоодветно образование, а имајќи го во предвид капацитетот на општината,  се согласивме дека веднаш е неопходна дообука на поголемиот број од вработените, што ќе се спроведе преку системот микро учење. Сите во администрацијата кои доаѓаат на обуки во министерството  се стекнуваат со корисничко име и добиваат инсталација на нивниот компјутер или телефон , со што ќе може да користат дополнителни обуки . Овој систем ќе служи како потсетник за изучуваната материја, а ќе овозможи и постојана надградба на знаењето, објасна министерот Ивановски.

Министерот додаде дека веќе од наредната недела во Охрид ќе пристигнат вработени од министерството кои ќе помогнат во локалната самоуправа во Охрид да се изврши  инсталирање на системот на сите компјутери кои во моментов се на располагање, како и да се обучат вработените да може да ја инсталираат програмата и на новата опрема која ќе се добива. При тоа, ќе се изврши и првична обука за вработените.

Вториот систем кој ќе се користи е системот преку далечина ,кој како што објасна Ивановски, им овозможува на вработените во администрацијата без да го напуштаат своето работно место или да патуваат , преку интернет да се стекнат со потребната обука .

Т.К.