Охридските љубители на кафе вчеравечер имаа ексклузивна можност да проследат подготовка на турско кафе по оргинален рецепт на жар од мангал. Промоцијата на овој традиционален напиток беше организирана од страна на турскиот културен центар „Јунус Емре” од Скопје во соработка со охридската локална самоуправа.

-Кафето е неодолив пијалок од секојдневието на Tурците и неодолив пијалок од сите прослави и поводи. Турското кафе го имаат прифатено и е застепено и во голем број други култури. Како што е напишано во еден турски стих  „Кафето е секогаш повод за добар муабет“, рече пред присутните д-р Мехмет Самсакчи, директорот на институтот „Јунус Емре“. Тој објасни дека целта на оваа промоција е да се презентира дел од турската култура и традиција.

За тоа дека кафето е дел и од македонското гостопримство зборуваше и заменик градоначалникот на Охрид Ангел Јанев, кој во својот говор пред присутните раскажа и дел од историјата за кафето.

-Постојат две приказни за прифаќање на кафето од страна на отоманската империја. Според првата приказна во 1554 година од страна на двајца сиријски претприемачи кафето било доднесено во Истанбул. Според другата приказна од 1517 година за време на владеењето на Султан Сулејман Величествениот, валијата на градот Јемен, Оздемир Паша бил фасциниран од вкусот на кафето и го донел во Турција. Оваа приказна ние имавме можност да ја видиме во серијата „Величествениот“ која пред неколку години беше вистински хит во Македонија, рече Јанев.

Во рамки на презентацијата, девојки облечени во традиционална турска носија наративно и практично го објаснија оргиналниот рецепт за подготовка на турско кафе.

-За да се подготви турско кафе за едно лице потребни се една шолја ладна вода, една кафена лажица кафе и шеќер во прав, доколку лицето сака да пие благо кафе. Потоа во ѓезвето ставете ги сите потребни состојки и мешајте додека не се соединат. Ѓезвето ставете го на рингла со средна топлина и во ниеден момент не мешајте повторно со лажичката. Кога кафето ќе почне да врие ќе забележите како пената избива на површина и тогаш ѓезвето се трга од оган. Со лажица се зема само од кајмакот и се става во филџанот во кој планирате да го послужите кафето. Потоа повторно ѓезвето го ставаме на ринглата и чекаме повторно да избие пената. Отако ќе се свари кaфето веднаш се сипува во филџанот и во никој случај не смее да биде преварено. По традиција кафето се служи додека е жешко и во мали шолји за кафе, беше објаснето во презентацијата.

По дегустацијата на турско кафе, посетителите имаа можност да го проследат турскиот филм „Невозвратена љубов”, а во рамки на промоцијата беше прикажана и видео презентација за работата на институтот „Јунус Емре“.

Е.М