Цртежи, хербариуми и фотографии изработени од ученици, планинари и рекреативци се дел од патувачката изожба „Дивите билки од мојот крај“ која беше отворена денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Организатори на изложбата се еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид, Македонското еколошко друштво од Скопје и Еколошкото друштво од Слоештица, Демир Хисар.

-Изложбата има за цел да го запознае месното население со убавините и со богатството на нашите планини. Посетителите на изложбата ќе имаат можност да дознаат повеќе за дивите билки што често се користат, како и за растенијата кои можат да се најдат во пазувите на Илинска-Плакенска Планина, Баба Сач-Лубен и на Шар Планина, вели Борис Стојаноски од Еколошкото друштво „Грашница“.

Изложбата е дел од проектот „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“ кој е развиен во соработка со Плантлајф од Велика Британија и се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија. 

Наталија Меловска од Македонското еколошко друштво од Скопје рече дека целта на проектот е да се зајакнат капацитетите на локалните организации кои соработуваат со волонтери за заштита на природата, особено во областа на зачувување на растителниот свет.

-Македонија изобилува со растителен диверзитет, имаме над 3000 различни видови на растенија што е огромна бројка за така мала површина па затоа решивме на еден ваков начин да го промовираме тоа. Освен промоцијата, во иднина планираме да одиме чекор понатаму и тоа богатство да го заштитиме, да го зачуваме и да остане за идните генерации. Тоа значи дека треба да се работи со најмладите и децата од училишна возраст за да можат децата да се задојат со таа мисла дека сето она што го имаме околу нас треба да го зачуваме, вели Меловска.

Изложбата „Дивите билки од мојот крај“ ќе биде достапна за разгледување до четврток 26-ти март 2015 година.

Е.М