Пет лица се повредени во две одделни сообраќајни незгоди што попладнево се случија на патниот правец Охрид – Кичево, каде во тек е изградба на автопат.

Во првата несреќа која се случи кај селото Песочан, од засега непознати причини дошло до судар на две патнички возила, при што со повреди се здобиле 4 лица. Тие се пренесени во специјализираната болница „Св. Еразмо“ и во Општата болница во Охрид.

Поради незгодата патот Охрид – Кичево кај Песочан е во целосен прекин, аколони од возила има во двата правци. По завршување на увидот кој е во тек полицијата ќе започне со наизменично пропуштање на возилата во двата правци, информира СВР Охрид.

Во втората незгода, што исто така се случи попладнево во близина на Мауцкер, се преврте товарно возило од фирма ангажирана на изградба на автопатот. Со лесни повреди се здобил возачот на камионот. Непосредно по незгодата со тешка механизација почна акција за извлекување на превртеното возило.

Ова е трета сообраќајна несреќа за 24 часа на патниот правец Охрид – Кичево, каде вчера дојде до директен судар помеѓу автомобил и камион кај селото Сливово, при што со тешки телесни повреди се здоби едно лице.

Г.М.