На предлог на Советот за македонски јазик, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, ја именувал Комисијата за полагање лекторски испит во состав проф. д-р Искра Пановска – Димкова, проф. д-р Олгица Додевска – Михајловска и проф. д-р Симон Саздов. Советот веќе доставил предлог-правилник за начинот на полагање на испитот, којшто се очекува да биде усвоен во текот на оваа недела.

Министерството за култура почна со практично спроведување на измените на Законот за употреба на македонскиот јазик што беа усвоени во Собранието на РМ на крајот на 2017 година, а стапија во сила на почетокот на оваа година. Со измените и дополнувањата на Законот, по четири години застој, се разрешува проблемот и се откочува постапката за полагање на лекторскиот испит што беше оневозможена со досегашната регулатива за начинот на полагање донесена во 2013 година, а лекторска лиценца оттогаш нема добиено ниту еден лектор. Во Законот е специфицирано дека сите неопходни подзаконски акти треба да се донесат во рок од 3 месеци од стапувањето на Законот во сила.

Лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година, кога Владата донесе заклучок со кој го задолжи Министерството за култура, по урнек на полагањето на правосудниот испит, да изготви измени во овој Закон и лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит, со софтвер обезбеден од Владата. Стручните лица задолжени за подготовка на софтверот од самиот почеток беа согласни дека електронското полагање на испитот не е соодветен инструмент за проверка на знаењето, односно не нуди објективна оценка за знаењето на кандидатот. Сепак, таков софтвер беше изработен, но по изработката, сепак, се утврдило дека е неприменлив и несоодветен, односно дека проверката на познавањето на граматиката, синтаксата, лингвостилистиката, зборобразувањето не може да се врши преку компјутерски тест, по пат на заокружување на веќе понудени одговори, во однапред уредена компјутерска програма, колку и да е таа совршена.

Иако решението беше неспроведливо, преку Владата на Република Македонија, досега за изработка на софтверот беа исплатени средства во износ од 327.918 ден, а за негово одржување за 17 месеци се исплатени 71.502 денари, односно 4.206 денари месечно. Покрај овие средства, Министерството за култура исплати и 40.781 денари за обука на Комисијата за изготвување бази прашања за полагање испит за добивање лекторска лиценца и за Комисијата за верификување на прашањата од првиот дел од испитот и на прашањата и практичните примери од вториот дел од испитот за добивање лекторска лиценца.

OhridNews

Макфакс