По кратко боледување, на 42 годишна возраст, синоќа во Скопје почина познатиот уметник од Охрид, флејтистот Илија Зимбо.

Од многу млада возраст, Зимбо се истакнуваше со редок музички талент, кој го разви низ основното музичко образование во родниот Охрид, а потоа и во балетско музичкиот центар во Скопје. Добитник е на први награди на сојузни натпревари по флејта во тогашната СФРЈ, каде го носеше епитетот млад генијален уметник. Високото образование го започна на музичката академија во Љубљана, по што дипломира на Факултетот за музички уметности во Скопје. Концертната кариера  на Илија Зимбо вклучува бројни настапи како солист, камерен музичар и настапи со оркестри во Македонија и Европа. Негуваше богат репертоар, од барокот, па се до современата музика. За него беа напишани дела од македонските композитори Зографски, Шахов, Бранѓолица и Манчев. Тој реализира повеќе тонски и видео записи за Македонската радио телевизија, а соработувал со врвни професори како Рупел, Рампал, Марион, Превишиќ, Кесиќ, Арто и други.

Зимбо редовно настапуваше во Франција, Италија, Романија, Словенија, Германија. Член беше на меѓународни жирија, а учествуваше на престижни натпревари за флејта во Европа. Во 2000 година беше лауреат, победувајќи на меѓународниот конкурс “Ровере Д’ Оро“ во Италија, а концертираше и во Русија каде со харфистката Лејла Урманова држеше мастер класи. Зимбо неколку пати одржа концерти на реномираниот меѓународен фестивал Охридско Лето во 1993, 1998 и 2001 година.

Илија Зимбо беше прва флејта во Македонската опера и балет, со која настапуваше како водечки солист. Во неговата концертна кариера се и настапите со македонската филхармонија, беше редовен учесник на деновите на македонската музика, снимаше филмска музика, а зад него стоеја менаџерските куќи “Музика вива“ од Виена и Фондацијата “Принц Алберт“ од Монако. Во подготовка беше неговото авторско ЦД. Освен музичката кариера, Зимбо целосно беше посветен на своите две деца.

Посмртните останки на Илија Зимбо утре ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид од 13 до 14 часот.

Во сеќавање на неговиот живот и дело, во неговата матична куќа Македонска опера и балет, идните денови, колегите за Зимбо ќе одржат беседа.

OhridNews