Со промоција на поемата „Екот на вековите“ од Мирко Томовски, што ќе се одржи денес во 12 часот во охридската библиотека, почнуваат годинешните „Прличеви беседи“. Денес, во 18.30 часот ќе се одржи и свечената приредба по повод патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“ во подрачното училиште во населба Рача.
Во недела, 5-ти февруари, во 12.45 часот, во изложбениот салон на Центарот за култура, ќе биде отворена Изложба на ликовни дела на уметници од Република Македонија.
Во 13.00 часот ќе започне свеченоста посветена на гонешниот лауреат. Ќе настапи хорот при Центарот за култура, ќе биде претставена наградената поема за 2016 година „ Библија“ за која е предвидена и артистичка изведба од страна на актерите Јасмина Билаловиќ и Павел Маслов, по што ќе следи и врачување на Повелбата за најдобра поема за 2016 година и обраќање на лауреатот Зоран Пејкоски. Во рамки на свеченоста ќе се одржи и драмска презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност – Петре М. Андреевски.
Во понеделник, Прличевите беседи продолжуваат со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев, во 11 часот книжевен портрет на Јовица Тасевски – Етернијан, а во 12 часот Панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев. Активностите продолжуваат со промоција на адаптирано издание на Прличевата автобиографија од Славе Ѓорго Димоски, а во 13.30 часот ќе има полагање лавров венец и свежо цвеќе пред бистата на поетот, при што беседа за Прличев ќе одржи Зоран Пејкоски, претставник на ДПМ. Во 14 часот е предвидена традиционалната Охридска визита што ќе се одржи во просториите на охридската библиотека.
Во 18.30 часот во Центарот за култура ќе биде потпишан меморандум за соработка помеѓу ОУ „Григор Прличев“ и „Гете институт“, по што ќе следат ликовната изложба и врачување награди на најдобрите творби на учениците од ОУ „Григор Прличев“, а во 19 часот ќе започне свечената приредба по повод патрониот празник на ОУ „Григор Прличев“.