Граѓанската иницијатива „5 до 12“ од денеска повторно ќе кампува во Паркот на жената борец спроти Собранието во Скопје. Ова е четврти камп на граѓанската иницијатива, односно 60 дена граѓански активизам во претходниот систем со претходната Влада и Собранието, и 60 дена граѓански активизам со сегашната Влада и сегашното Собрание.

Во изминатите 120 дена беа остварени средби во Собранието и работни состаноци со ресорните министерства, заедно со претставници на народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, и се разговараше за проблемите со кои се соочуваат лицата со посебни потреби, вклучително и за барањата за измена на закони доставени од граѓанската иницијатива „5 до 12“.

Од иницијативата велат дека тие ја имаат поддршката од претставниците на политичките партии во Собранието за измени на законските и подзаконските акти кои се однесуваат на лицата со посебни потреби, како и поддршката од ресорните министерства за имплементација на предлог-решенијата на граѓанскиот сектор за обезбедување услови за инклузија на лицата со посебни потреби во сите сфери на општественото живеење.

„Сепак, времето одминува, а освен поддршката изразена со зборови на работните состаноци, конкретни резултати од ресорните министерства сè уште нема, односно процесот на интегрирање на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките кои се однесуваат на лицата со посебни потреби, останува нерешен“, велат од „5 до 12“.
Затоа, велат од таму, кампувањето со шатори продолжува со следните барања: вклучување на лицата со посебни потреби како приоритет во програмата на Владата и во работата на Собранието, како приоритет во буџетот на Р. Македонија и буџетите на општините на Р. Македонија, потоа вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките кои се однесуваат на лицата со посебни потреби и во наоѓање решенија за подобрување на условите за живеење на лицата со посебни потреби, како и вклучување на граѓанскиот сектор во имплементација и супервизија на проектите што се однесуваат на лицата со посебни потреби.

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на сопствените права.

За времетраење на кампот, во временски периоди од 12 до 15 часот и од 18 до 20 часот, се предвидени состаноци и консултации во врска со меморандум за вмрежување и соработка помеѓу здруженија на граѓани и неформални групи на граѓански активисти.

OhridNews
Макфакс