Подготовките за одбележување на верскиот празник Богојавление-Водици се во завршна фаза. Членовите на Кординативното тело за организација на манифестацијата,
денес, одржаа состанок со цел утврдување на последните активности пред настанот кој се очекува и годинава да го проследат голем број верници.

Подготовките течат во најдобар ред. На 19-ти јануари, на празникот Богојавление, богослужби ќе има во сите парохиски цркви, а по богослужбите, традиционално,  верниците и свештениците ќе се упатат кон градското пристаниште од каде ќе се фрла светиот крст во водите на езерото во 10 часот. За оној кој што ќе го фати светиот крст ќе следуваат скромни подароци. Црквата ќе му подари крст, а од страна на локалната самоуправа ќе добие икона, вели претставникот од Дебарско-кичевската епархија, отец Илија Ристески.

Сашо Донев од координативното тело, информира дека привршуваат и подготовки за Денот на рибарите- 20-ти јануари, кога присутните традиционално ќе имаат можност да вкусат рибна чорба, ќе има топла ракија, вино, а за доброто расположение ќе се погрижи ансамблот „Билјана јуниор“.

Она што загрижува е ниската темепратура на водата, која според вчера извршените мерења изнесува 5,8 степени.

– Ќе бидеме присутни кај градското пристаниште со тимови за спасување, нуркачки тимови и медицински екипи. Просторот ќе биде видно обележан за сите оние кои ќе влегуваат во водите. Мора да се внимава на дното, кое ќе биде исчистено неколку дена пред настанот. Апелирам до сите кои ќе влегуваат во вода, да не консумираат алкохол, да се задржат во вода кратко време и да имаат топла облека во која ќе се пресоблечат. Апел и до оние кои ќе го следат настанот од брегот- да ги следат насоките од волонтерите на Црвен крст и медицинските тимови за да нема несакани инциденти, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

И покрај студеното време, во Охрид за Водици се очекува да пристигнат голем број гости кои ќе го проследат одбележувањето на големиот верски празник.

Интересот е на задоволително ниво, нашата агенција и годинава понуди голем избор на сместувачки капацитети. Имаме доста најави на гости од земјава, но и од соседните земји. За жал временските услови не ни одат во корист, но сепак сметам дека ќе имаме добар одзив на гости и дека како и минатите години ќе имаме успешно празнување со убава програма, вели Јаким Маленко од туристичката агенција, „Вис Пој“.

Неизоставен дел од настанот и годинава е Нуркачкиот центар „Амфора“, чии членови се задолжени за безбедноста на капачите во вода. Годинава, центарот во одбележувањето на празникот ќе се вклучи и со промоција на документарниот филм „Танцот со пастрмките“ што ќе се изврши на 17-ти јануари со почеток во 19 часот.

Филмот е сниман 5 години во водите на Охридското езеро за време на мрестот на пастрмката. По промоцијата на филмот, ќе следи и и изложба на подводни фотографии. Собраните средства од продажбата на фотографиите ќе бидат наменети за социјално загрозените граѓани,  изјави Милутин Секулоски од НЦ „Амфора“.

И годинава во организација на општинскиот Црвен крст, на 19-ти јануари, во студентскиот дом „Никола Карев“ ќе се одржи крводарителска акција, која ќе трае од 8 до 14 часот.
 
Манифестацијата Богојавление-Водици е во организација на Дебарско- кичевската епархија во соработка со локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот центар „Амфора“, како и фаќачите на светиот крст од минатите години.

OhridNews