Претседателот на Советот смета дека во донесувањето на урбанистичките планови нема политички пазарења, ниту манипулации, а советниците работат согласно законот. Силните ракции во јавноста, според него, се нормална појава кога се расправа за теми од областа на урбанизмот.
–Секаде каде има урбанизација има различни интереси. Има интрес на граѓани кои сакаат да градат, а има граѓани на кои им смета градењето и се создава конфузна атмосфера околу тие урбанистички точки, вели првиот советник, Душко Јаковчески.
Загриженост за состојбите во урбанизмот во Охрид изразува и ДОМ која се претставува како зелена партија. Оттаму предупредуваат дека на Охрид му се случува урбана окупација на крајбрежјето и дека е погрешен концептот развојот на градот да се темели на комуналиите од изградба на објекти.
–Локалните самоуправи не само во Охрид мора да сфатат дека нивното постоење не е за да градат, тие не се градежни фирми за да заработуваат од комуналиите. Градењето треба да биде во функција на економскиот развој, а во случајот на Охрид градењето е контра економскиот развој кој треба да се телеми на туризмот и производство на здрава храна, истакна Лилјана Поповска, претседател на ДОМ.
Поповска смета дека државата најитно требна да донесе Закон за Охрид со кој под заштита ќе ја стави целата територија на општината и крајбрежјето, а не само старото јадро на градот.