Расфрлани пластични чаши од испиено кафе, шишиња, бројни отпушоци од цигари- е она што може да се види во водата од каналот Студенчишта, но и на самата патека на која деновиве можат да се затекнат бројни рекреативни риболовци.

Навистина е жално да се затекне во ваква состојба патеката која води до една од најпознатите локации во Охрид- Билјанини извори, која е омилено место не само за охриѓани, туку и за гостите кои се се побројни во градот, особено за време на викендите.

Од страна на локалната самоуправа се најавува дека во наредниот период кај каналот Студенчишта ќе се гради атрактивна патека, но за да може Охрид да се гордее со овој дел од градот и останатите уредени површини за рекреација, неопходно е што поскоро да се сменат лошите навики и да се подигне еколошката свест кај граѓаните кои никако да почнат да ги применуваат советите кои ги добивале уште на најмала возраст во градинка или училиште- отпадот да го фрлаат во корпи за отпадоци.

OhridNews