Македонските политички лидери постигнале договор за излез од политичката криза. Еврокомесарот Јоханес Хан, кој посредуваше во целодневните разговори во резиденцијата на ЕУ во скопско Пржино, пред насобраните новинари кои го чекаа епилогот од средбата кусо изјави дека е постигнат договор и дека ќе има избори.

„Имаме договор, потпишан од лидерите, задоволен сум од тоа што се постигна, со ова ќе се отворат вратите на земјата за ЕУ и НАТО-интеграции. Треба да сме горди на лидерите“, рече Хан.


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи не дадоа изјави за новинарите.

Хан на социјалната мрежа Твитер во 1:30 часот напиша дека е постигнат договор од политичките лидери во интерес на земјата и нејзините граѓани.

„Овој договор ја држи отворена вратата за евроатлантската перспектива и ги поттикнува реформите за владеење на правото“, напиша Хан.

Европратеникот Ховит, кој заедно со неговите колеги Едвард Кукан и Иво Вајгел, исто така посредуваше во преговорите, напиша дека е договорено опозицијата да се врати во Парламентот, да се избере нова влада и да се одржат предвремени избори.

Ховит остана до крајот на разговорите, додека неговите колеги Кукан и Вајгел си заминаа порано.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, пак, на социјалната мрежа Фејсбук напиша „Ај со среќа оставката“, но нема други детали за тоа што содржи договорот. Неофицијално се шпекулира дека е договорено премиерот Груевски да си поднесе оставка во декември.

OhridNews

Извор: „Радио Слободна Европа“