Највисокото општинско признание, наградата „Св. Климент Охридски“-Патрон на Охрид за 2016 година ја доби основното музичко училиште „Методи Патче“. Одлуката ја донесе градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, на предлог на специјалната комисија во која членуваат истакнати поединци од општествениот живот.
– ОМУ „Методи Патче“ веќе 50 години продуцира извонредни музичари, дел од нив светски познати и признати.-изјави на прес конференцијата, градоначалникот Бакрачески што по повод доделувањето на наградата „Св. Климент Охридски“ се одржа денеска во куќата на Уранија. Тој изрази јавна благодарност до сите досегашни директори на ОМУ „Методи Патче“ за, како што рече, достојното презентирање на Охрид на домашните и меѓународни натпревари каде училиштето има освоено стотици награди и признанија.
Добитник на повелбата „Св. Климент Охридски-Патрон на Охрид“ за 2016 година е стрелачката Нина Балабан, соопшти општинската комисија за доделување на награди и признанија. Признанието, како што истакна претседателот на комисијата, Дејан Пановски, на Нина Балабан и се доделува за исклучителни резултати од областа на стрелаштвото и промоција на градот Охрид на летните Олимписки игри што годинава се одржаа во бразилскиот град Рио де Женеиро.
– Охрид нема многу олимпијци и затоа треба искрено да ги цениме и почитуваме овие спортисти кои достојно го репрезентираат нашиот град во светот и кои се пример за младите генерации. – истакна Пановски.
Наградата и повелбата „Св. Климент Охридски-Патрон на Охрид” на добитниците ќе им бидат врачени на свечената академија што по повод одбележувањето на патрониот празник на Охрид, „Св. Климент Охридски Чудотворец“, ќе се одржи утревечер во центарот за култура „Григор Прличев“.
OhridNews