Истражен тим на Специјалното јавно обвинителство сеуште е во СВР Охрид каде на распит во предистражна постапка треба да се јават околу 200 функционери членови и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ, во врска со финансирањето на партијата и личните донации за време на изборите во 2014 година. Но од партијата информираат дека нивни членови не се одзвиваат на поканите и ќе продолжат да ја бојкотираат работата на СЈО, бидејќи како што велат, не го признаваат и бараат негово укинување.
Од ВМРО ДПМНЕ повторуваат дека се подготвени на граѓанска непослушност и дека нема да отстапат од вчера искажаните ставови на одржаниот протест пред СВР Охрид, дека СЈО е селективно и работи во корист на СДСМ. Неофицијално дознаваме дека од речиси 200 повикани на информативен разговор се јавиле само неколкумина.
СЈО вчера преку соопштение предупреди дека е нарушена тајноста на постапката, посочувајќи дека лицата повикани како сведоци имаат законска обврска да се јават на распит.
Согласно законот за кривична постапка уредно поканет сведок кој нема да се јави на распит или не го оправда изостанокот може со судска наредба да се доведе присилно и да му се изрече казна од 200 до 1200 евра во денарска противвредност.
OhridNews