– Пријатно сум изненаден и возбуден затоа што и не очекував дека ќе бидам прифатен за кум на манифестацијата Водици во македонскиот Ерусалим- Охрид. За мене ова е гоема чест и обврска не само пред охриѓани, туку и пред целата македонска јавност. За мене лично и за моето семејство Охрид има големо значење и многу спомени ме врзуваат за градот. Веќе 30 години сите празници ги минувам тука, а последните две години со мојот најмлад син за Водици се капам во езрото не за да го фатам крстот, туку за Господ да ми даде здравје, изјави кумот на “Водици 2012”.
Чифлиганец , како кум на манифестацијата, најави дека во текот на дванаесетте месеци додека трае кумството, ќе стипендира двајца матуранти, девојче и момче, најдобрите ученици од охридската гимназија, независно на која образовна институција тие ќе го продолжат своето образование.
– Со изборот на Чифлиганец за кум на Водици 2012 сакаме да покажеме дека манифестацијата не е само од Варош и охридска, туку од сите охриѓани и граѓани од другите градови од Македонија, истакна претседателот на Богојавление, Љупчо Арнаудов.
Здружението Богојавление, кое годинава одбележува десет годишен јубилеј, за Водици 2012 најавува неколку новини .
Наместо на Сараиште, Денот на рибарите ќе се слави на градското пристаниште, затоа што како што потенцираат од Богојавление, просторот на Сараиште веќе е претесен за сите кои сакаат да присуствуваат наманифестацијата.
И годинава ќе се одржат традиционалните содржини- музичка програма, фрлање на десет буриња вино, ќе биде организирана изложба на риболовен алат, натпревар во фрлање сачма, а ќе биде распишан и конкурс за избор на најдобра ликовна творба на тема Риболовот во Охридското езеро и Богојавление.
За време на празникот Водици ноќевањето во сите охридски хотели ќе чини 10 евра со појадок, а цените на угостителските услуги во рестораните ќе бидат со 30% попуст. Традиционално во текот на двата дена угостителските објекти ќе даваат бесплатна топла ракија.