Охридското Езеро е под силен притисок на урбанизацијата, а доколку продолжи тој тренд, може да има далекусежни последици, сметаат експертите и екологистите. Тие алармираат на уништување на еко системот и предупредуваат дека најавените проекти за изградба на туристички развојни зони во Љубаништа и Студенчишкото блато, изградбата на експресен пат и ски центар во Националниот парк Галичица, доколку не се земат предвид еколошките аспекти, можат да ги загрозат природните и културните вредности поради кои регионот е прогласен за светско наследство заштитено од УНЕСКО.

-Црвената линија генерално можеби се’ уште не ја имаме поминато, но на поединечни делови езерскиот еко систем и неговиот слив е во опасност. Нападнати се вредности како што се остатокот од Студенчишко блато, се врши еден брутален атак врз трската во струшкиот дел, загрозени се водните живеалишта, нападнати се делови од Националниот парк, но се уште тоа се само планови и наша задача е да кажеме до каде можат да одат за да не ја загрозат животната средина и езерото. – вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

И додека на македонска страна се планира изградба на нови објекти, на албанскиот дел од крајбрежјето се спроведува акција за уривање на градбите лоцирани непосредно до езерото, како дел од напорите и ова подрачје да добие статус на заштита од УНЕСКО.

Со поддршка на УНЕСКО влегуваме во еден заеднички проект кој има за цел ставање и на албанската страна под заштита на УНЕСКО, што ќе му даде интегрална заштита на цело Охридско Езеро, ќе се направи реинвентаризација на целокупното природно и културно богатство што го имаме и мора да го штитаме и ќе се направи туристички пакет за промоција на тој „софт“ вид на туризам од кој бенефит ќе има целиот регион.– објаснува Пановски.

Екологистите сметаат дека е крајно време да се направи проценка на капацитетот на издржливост на Охридското Езеро и колкав број на туристи и население може да поднесе овој еко систем со постојната инфраструктура, врз основа на што ќе се изготви стратегија за развој на регионот.

-Ние не треба по секоја цена да настојуваме да се урбанизира крајбрежјето затоа што голем број туристи доаѓаат токму за да го видат крајбрежјето во онаа нечепната, девствена состојба. На Охридското Езеро му треба развој на туризам којшто нема да влијае многу врз животната средина, затоа што се работи за чувствителен еко систем кој меѓусебно е поврзан, имаме две езера, меѓу нив национален парк, а тука е и планината Јабланица со сите нејзини вредности. – изјави Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“ – Охрид.

Обединетите нации во извештајот по повод меѓународниот ден на водите, 22 Март, предупредуваат дека до 2030 година резервите на вода за пиење во светот ќе се намалат за 40 проценти, што ќе биде причина за големи миграции на населението и конфликти. Охридското и Преспанското Езеро се два најголеми системи со квалитетна вода во Југоисточна Европа и потенцијална конфликтна зона во случај на светска криза за вода, што е причина повеќе наместо за проекти од краткорочен интерес да се размислува на нивна долгорочна заштита, предупредуваат експертите.

-Што е она што правиме на краток рок и колкави ќе бидат ефектите сега од една страна, од друга страна е она што можеме да го направиме за иднината со изградба на зелена инфраструктура која ќе ни донесе бенефит на долг рок. Ние во овој временски период можеби не можеме да ја видиме таа вредност, но доколку се вложи во зелена инфраструктура на долг рок оние кои ќе дојдат после нас, ќе видат дека ние паметно сме вложиле средства сега за да ја зачуваме иднината. Тука е тој баланс , односно тој судир на интереси помеѓу сегашните носители на одлуки и корисници на просторот, а тоа сме сите ние и светот бидејќи, Охридското Езеро има голем број заштитни слоеви изразени како прекуграничен природен резерват, подрачје заштитено од УНЕСКО, тука се и големиот број меѓународни конвенции кои ги имаме потпишано како држава, законите кои ги имаме донесено и.т.н.-вели екологистот Зороски.

Екологистите признаваат дека засега екологијата ја губи битката со економијата. Тие сметаат дека работите можат да се променат во иднина, кога на позиција да одлучува ќе дојде некоја друга, посвесна генерација и ќе ја стави екологијата многу погоре на политичката агенда, а развојот на туризмот ќе го темели на природното и културното богатство со кое изобилува регионот.

Горан Момироски