На свеченост што се одржа денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово, беше промовирана новата генерација од 528  полициски службеници.

Честитки за успешното завршување на едногодишната основна обука на новите полицајци упатија премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Новите полицајци потребните компетенции ги стекнале со среден успех од 530,92 бодови, од вкупните 600.

-Уверен сум дека обуката ве подготви да ги извршувате задачите најдобро што можете. Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зашто е во служба на заштитата и на услуга на граѓаните. Зашто е во насока на заштита на правото и правната држава. Извршувајте ги вашите обврски со интегритет и видлива компетенција за да бидете пример и да ги охрабрите другите во оваа благородна и одговорна мисија. Така лично ќе ја стекнете довербата на граѓаните и на тој начин ќе учествувате и во подигањето на довербата на граѓаните во полицијата. – истакна премиерот Заев.

Министерот Спасовски рече дека полицијата е во период на реформирање и целосно нејзино сообразување со модерните трендови и стандарди на работење на европските полициски служби.

-Очекувам дека знаењата и вештините што ги стекнавте изминатава година преку интензивна обука, брзо ќе ги примените во организационите единици каде што ќе бидете распоредени, дотолку повеќе што полицијата има и тоа како потреба од млади и нови луѓе, амбициозни и волни за професионален развој и напредок.-истакна Спасовски.

За прв пат на десетте најдобро рангирани кандидати: Стефан Јанушевски, Марко Стефановски, Даниел Андоновски, Марин Смилески, Папи Пандов, Антонио Баткоски, Коста Ѓорѓиевски, Стефани Заевска, Благојче Јанкуловски и Дарко Трајановски, МВР ќе им овозможи право на избор на организациона единица каде што би го почнале својата професионална кариера во полицијата, најави министерот Спасовски.

OhridNews

Фото: МВР