Во рамки на Прличевите беседи, денес, во спомен куќата на Григор Прличев, се изврши промоција на адаптирано издание на Прличевата автобиографија од Славе Ѓорго Димоски. Зборувајќи за делото, промоторот проф. д-р Димитар Пандев потенцира дека сите имаме обврска да го негуваме односот кон Прличев и неговите современици, како што тоа овој пат го прави Славе Ѓорго Димоски со својот творечки однос кон делото на Прличев.
– Однос што од друга страна се пренесувал на генерации ученици во охридската гимназија, но и во македонското образвание вопшто. Да се приближи Прличев до најмладите генерации ученици во рамки на наставата по македонски јазик и литература, но и на современиот македонски читател воопшто, зошто приопштувајќи го Прличев особено неговите две дела и спојувајќи ги во една целина ние ја вклопуваме во препознатлива корица свеста и сознанието на мекдонскиот интелектуалец од 19 век, рече Пандев.
Во рамки на настанот „Стихови и звуци за Прличев“, од страна на градоначалникот им беа доделени пофлници на најдобрите млади литературни творци, учениците Искра Андрееска и Даријан Ангелоски, победници на конкурсот што и оваа година го распиша основното училиште „Григор Прличев“. Нивните литературни творби, жири комисијата ги избра како најзабележителни и најквалитетни.
– Двајца лауреати кои ветуваат дека можат да бидат дел од македонската книжевна иднина. Со посебен пиетет им честитам и им посакувам нивната љубов кон литературното соопштување на емоции да биде мотивациски повод и за нивните другари и соученици да прифатат слични предизвици. Обврзани сме и горди да ја афирмираме и подржиме креативноста на младите и учениците, зошто тоа е основен темел за формирање на здрави и образовно потковани генерации кои ќе не водат во иднина, рече Бакрачески.
Во рамки на Прличевите беседи, денес, пред споменикот на Григор Прличев беше положено свежо цвеќе, а се одржа и панихида на гробот на Прличев.
Во текот на денот беше претставен и книжевниот портрет на Јовица Тасевски–Етернијан, а беседа за Прличев одржа пистаелот Зоран Пејкоски. Во охридската библиотека се одржа и традиционалната Охридска визита.
OhridNews