Д-р Костантин Георгиевски е роден на 9 октомври 1977 година во Охрид. Со основно образование се стекнал во ОУ „Григор Прличев“, а средно училиште завршил во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година, а во 2009 година се стекнал со специјализација по интерна медицина. Во перидот од 2008 до 2010 година бил на едукација за ЕХО-дијагностика во Филаделфија САД, на Универзитетот „Томас Џеферсон“. Од 11-ти октомври 2007 година работи во сопствена приватно здравствена установа која денес прославува 10-годишен јубилеј. Д-р Георгиевски е оженет и татко на две деца. Тој е носител на кандидатската листа на советници на коалицијата предводена од СДСМ на претстојните локални избори. Во разговор за OhridNews Костантин Георгиевски најавува дека ќе се залага главен фокус во работата на советот да бидат интересите на граѓаните, нивните проблеми и потреби. Очекува советот да функционира без уцени и притисоци. Убеден е во победа на опцијата која ја предводи на локалните избори, што според него ќе донесе позитивни промени во функционирањето на градот и реализација на многу инфраструктурни проекти зацртани во програмата на кандидатт за градоначалник на СДСМ.

ON: Советот на општина Охрид е подеднакво важна институција како и Градоначалникот. Тука се носат одлуки од голема важност за граѓаните и во тој контекст како вие како носител на кандидатската листа на коалицијата предводена од СДСМ гледате на институцијата совет, кои се вашите очекувања, со оглед на тоа дека вам ова ви е прва битка за советнички мандат?

К. Георгиевски: Општинскиот Совет е највисокиот орган на одлучување за сите барања во рамките на правата и должностите на општината, а советниците се претставници на граѓаните кои одлучуваат врз основа на утврдени надлежности согласно Законите и општинскиот Статут. Затоа при носењето на сите одлуки на Советот главен фокус ќе бидат интересите на граѓаните, нивните проблеми и потреби. Како советници треба да бидеме и основна поддршка на Градоначалникот во исполнување на неговата зацртана програма која има за цел од Охрид да направи подобро и посакувано место за живеење.

ON: Советот е место каде се судруваат интересите на политичките партии и различните кандидати. Како ќе делува советничката група на СДСМ во советот, во зависност од распоредот на силите и кој ќе биде иден градоначалник или поинаку?

К. Георгиевски: Нашето мнозинство во Советот, кое нашата политичка коалиција очекува да го обезбеди, со оглед на презаситеноста на граѓаните од досегашното безидејно делување на претходната власт, ќе работи исклучиво врз основа на интересите на охриѓани. Заедно со Градоначалникот кој логично е дека ќе биде од нашите редови, ќе работиме посветено и одговорно и ќе вложиме максимални напори за да го вратиме достоинството на општина Охрид.

ON: Советникот треба да биде гласачка машина или?

К. Георгиевски: Основна цел на новата локална власт предводена од СДСМ ќе биде да направиме вистински промени во целокупното функционирање на Советот и носењето на одлуките. Овие промени се од суштиско значење за враќањето на довербата во него како институција. Граѓаните мора повторно да веруваат дека советниците се нивни претставници во локалната власт.

ON: Како избраници на народот советниците треба да ги застапуваат интересите на граѓаните. Но постојат и други интереси. Може ли некој од „надвор“ да влијае на работата на советниците, кој и како треба да ги заштити од таквите влијанија?

К. Георгиевски: Одговорот на ова прашање е едноставен, некој може да влијае на одредени одлуки онолку колку што ќе му дозволиш. Новите политиката на СДСМ и на Централно и на Локално ниво се веќе јасни. Времето на уцени, притисоци и наредби веќе заврши, тоа е начин на фунционирање на некои други партии и на некои други минати времиња. Нашата цел е државата и општините да ги вратиме на граѓаните, нема да има привилегирани. Секој е важен. Носиме живот за сите.

ON: Каква е вашата визија за Охрид, какви проекти му требаат на градот?

К. Георгиевски: Мојата визија е Охрид да биде град во кој секој граѓанин ќе ја гледа својата иднина и иднината на своите деца. Охриѓани имаат капацитет, знаење и можности да придонесат на многу полиња од општественото живеење, а локалната самоуправа како нивни стратешки партнер треба да ги слушне нивните идеи, мислењеа и критики. Само заедно со граѓаните може да го направиме Охрид модерен и развиен туристички центар и град кој ќе послужи како добар пример. Имаме зацртано многу инфраструктурни проекти на кои треба да се посветено да се работи и кои се од голема важност за градот.

ON: Како гледате на проблемот со долгот на општината кој е исклучително голем. Има ли решение? 

К. Георгиевски: За секој проблем може да има решение доколку се работи посветено и одговорно и секако професионално. Нашиот кандидат за Градоначалник има конкретен план и мерки кои ќе ги преземе во поглед на ова суштинско прашање. Од нас како советници ќе ја има поддршката во неговите постапки и одлуки за да ја намали задоженоста на општината. Секако дека и ние како советници ќе придонесеме со свои мислења и предлози. Убеден сум дека општина Охрид по 15ти октомври ќе сврти еден нов лист, ќе започне да работи домаќински и одговорно и дека конечно ќе се придвижи напред во еден нов развоен период.

ОN: Локална самоуправа како професионален и ефикасен сервис на граѓаните и функционални јавни претпријатија, или места за вдомување на партиски кадри и генерирање нови долгови? 

К. Георгиевски: Имаме план и проекти за зголемен капацитет и за професионална услуга на јавните комунални претпријатија. Тие треба да работат домаќински и одговорно, бидејќи жителите на сите охридски населби, села и улици заслужуваат чисти и уредени јавни простори, чиста вода за пиење и подобра комунална инфраструктура. За да бидат успешни во работењето треба да имаат соодветен и професионален кадар. Нашата цел е соодветни стручни кадри на соодветни позиции. 

ON: Вие сте доктор интернист по професија, а на јавноста и сте познат и како страствен планинар и вљубеник во природата. За што ќе се залагате како советник во областа на заштитата на животната средина и природните богатства на Охридскиот регион? 

К. Георгиевски: Како советник во Советот на општина Охрид секако дека ќе се залагам за поголема и соодветна заштита на животната средина и природните богатства во Охридскиот регион, а особено во делот на Националниот парк Галичица. Исто така ќе се залагам и за поголема промоција и развивање на сите алтернативни форми на туризам, особено за алпинизмот и планинскиот велосипедизам.

ON: Кој е Константин во приватниот живот, каде и како го минува слободното време?

К. Георгиевски: Јас сум човек кој ужива во едноставни работи. Слободното време сакам да го минувам со најблиските и во дружба со пријателите. Секогаш наоѓам време за алпинистичките активности преку кои ја црпам целата позитивна енергија . Исто така кога имам слободно време сакам да возам велосипед.

ON: Порака до гласачите:

К. Георгиевски: Почитувани охриѓани, Охрид заслужува модерен развој и подобра иднина за сите. Овие Локални избори се една голема можност за подобро утре. Ајде сите заедно да донесеме одлука за промени кои ќе го направат нашиот град подобро место за живеење. Одлуката е во Вашите раце, на 15-ти октомври заокружете 19 за Живот во Охрид за сите! 

Г.М.