Координативното тело за организација на Богојавление – Водици, реагира на критиките на претседателот на здружението на рекреативни риболовци „Св. Апостол Петар“ Радован Димитриески, кој отворено ги прозва организаторите на манифестацијата Ден на рибарите, дека бегаат од традицијата бидејќи рибната чорба наместо од риба која живее во Охридското Езеро,  се подготвува од морска риба.

Според координативното тело, таквата реакција на Димитриески е несватлива, дотолку повеќе што тој се претставува како екологист и борец за заштита на рибниот фонд.

-Несериозно е да се бара во време на сезона на мрест на пастрмка и строга забрана за улов на риба, да се прави рибна чорба од овој вид. Каква ли само порака праќа на охриѓани, човекот кој е повикан да се бори за зачувување на рибниот фонд. Организаторот на манифестацијата, почитувајќи ги законските одредби и непишаните правила за заштита на Охридската пастрмка, никогаш нема да дозволи било каква малверзација и злоупотреба со овој наш ендемичен вид. – се вели во реакцијата на Координативното тело за организација на Богојавление – Водици.

OhridNews