Врвни светски уметници, рекорди на посетеност, модерна урбана светска музичка сцена која ќе биде во баланс со класичната музика и теататарот како столбови на фестивалот. Ова се дел од приоритетите за кои ќе се залага неодамна именуваниот, директор на НУ фестивалот “Охридско лето”, Васко Василевски кој денес ја одржа првата прес конференција како прв човек на националната установа.


– Со заедничка работа со тимот, музичкиот и драмски селектор, Управниот одбор,  ќе се залагаме да го воздигнеме фестивалот и надмашиме себеси, со цел да биде  успешна приказна во регионот, но и во пошироки светски рамки, рече Василевски.

Тој истакна дека и понатаму тенденција ќе биде да се носат познати светски музички имиња кои ќе настапат во рамки на фестивалот, но поради ограничениот буџет, ќе биде неопходно обезбедување средства по пат на спонзорство, но и менување на свеста на публиката.

Во однос на долговите на фестивалот, Василевски истакна дека е запознаен за нивната висина и дека подмирувањето на обврските ќе биде исто така меѓу приоритетите во работењето.

Директорот на “Охридско лето” истакна дека според примерот на светски познатите фестивали, ќе се направат обиди во рамки на фестивалот да се одржуваат музичко- драмски настани во текот на целата година.

Василевски најави дека идната недела ќе оствари средба со музичкиот и драмскиот селектор на фестивалот и членовите на управниот одбор по што ќе може точно да се утврдат целите, кои согласно можностите, ќе може да бидат остварени.

OhridNews