Дел од граѓаните се свесни дека енергијата е скапа и знаат кои се можностите и мерките со кои може да се намали потрошувачката на енергија. Но, има и добар дел кои не знаат, се заклучоците од спроведената анкета во рамки на проектот на ИРЕК за промоција на енергетската ефикасност и користењето на обновливите извори во Југозападниот плански регион на Македонија.
Со цел охриѓани подобро да се запознаат со придобивките од користењето на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност, денес на градскиот плоштад се одржа отворен ден, при што се даваа бесплатни инженерски совети и се делеа промотивни материјали.
Проектот е финансиран од Европската Унија како дел од ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија. Водечки партнер на проектот е „Центарот за енергетска ефикасност на Македонија –МАЦЕФ“ во партнерство со „Центарот за развој на југозападниот плански регион“ од Република Македонија и „Албанија-ЕУ Центар за енергетска ефикасност“ и Регионалниот совет на Корча од Република Албанија.
– Задоволни сме што проектот се реализира во девет општини. На овој начин добивме податоци за познавањата на граѓаните што ни ги дава насоките според кои понатаму треба да се движиме. Работевме со општинската администрација, правните субјекти, граѓаните, односно сите релевантни чинители за да можеме да ги видиме нивните знаења во однос на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, вели Стојан Савески од Центарот за развој на југозападниот плански регион.
Настанот е во организација на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ и Центарот за развој на југозападниот плански регион, а е поддржан од општина Охрид.
OhridNews