СДСМ денеска објави документ, кој ако што тврдат од партијата, покажува дека во денови на најмал доток на вода во Охридското Езеро, енергетската компанија АД ЕЛЕМ произвела струја повеќе од планираното токму преку двете хидроелектрани коишто користат вода од езерото.
„Документот се однесува на декември 2016 година и од него може да се види дека хидроелектраните Глобочица и Шпилје, коишто користат вода од Охридското Езеро, призвеле нaд 16 GWh пoвеќе електричнa енергијa oд тоа што било плaнирaнo.Очигледно дека компанијата ЕЛЕМ, соочена со потребата од скап милионски увоз на струја и недостиг на други домашни енергетски капацитети, недозволиво посегнала по максимално производство на струја преку водите на Охридското Езеро. – се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата потсетуваат дека Охридското Езеро е заштитено од УНЕСКО како светско природно богатство и предупредуваате ЕЛЕМ веднаш да престане со какви било активности што ја нарушуваат еколошката средина на Охридското Езеро, посочувајќи дека за последиците ќе има одговорност. Додаваат дека итно е потребна нова Влада којашто ќе го заштити Охридското езеро и ќе ги подигне сите вистински домашни енергетски компании, за да има домашна и поевтина струја за граѓаните и компаниите.
Реагираа од АД ЕЛЕМ, од каде велат дека СДСМ го допрела дното од незнаење, и дека нема неконтролирано испуштање вода од Охридско Езеро. Додаваат дека за ситни дневнополитички поени партијата манипулира со јавно достапни податоци и ја злоупотребува состојбата со водостојот на Охридско Езеро.
„Прво, не е точно дека АД ЕЛЕМ во декември беше соочено со скап увоз на електрична енергија, како што тврди СДСМ, затоа што компанијата од 1 јануари ја презеде обврската да ги обезбедува потребните количини од електрична енергија за тарифните потрошувачи со одлука на Регулаторната комисија за енергетика, донесена кон крајот на минатата година. Второ, малициозна лага е дека водите од Охридско Езеро биле прекумерно искористувани за производство на електрична енергија затоа што во декември просечната кота на езерото, според референтните податоци од УХМР, изнесувала 693, 23 м.нв. што е за 13 сантиметри над пропишаната минимална кота. Согледувајќи го сушниот период во охридското сливно подрачје, во декември истекот се прилагодувал во согласност со водостојот на Охридското Езеро. Според податоците, просечниот дотек во езерото за декември, во периодот 1966-2015, изнесува 22,68 кубни метри во секунда, а за декември 2016 само 2,81 кубни метри во секунда, што е осум пати помал дотек во однос на просечниот или станува збор за најсушен декември во историјата. Во јануари 1966-2016 г, просечниот дотек во Охридско Езеро изнесува 25, 44 кубни метри во секунда, а во јануари 2017 г. изнесува 7, 53 кубни метри во секунда и е околу 3,5 пати помал од просечниот за тој период. АД ЕЛЕМ се раководи според енергетскиот биланс и секој месец изработува план за производство за наредниот месец до половината на тековниот. Зголеменото производство во декември е според планот за работа за тој месец, како и поради натпросечните дотеци во ноември, а, пак, намаленото производство за јануари се базира врз планот во енергетскиот биланс за тој период и согласно потпросечните дотеци во декември, минатата година. Следејќи ги хидролошките состојби проследени со рекордно ниските дотеци во декември, за кои веќе информиравме , АД ЕЛЕМ и покрај потребата од зголемено производство на електрична енергија што се случи како резултат на енормно зголемениот конзум во јануари, го редуцира и во целост го прилагоди производството на електрична енергија од хидроцентралите по течението на Црн Дрим. Иако во јануари, АД ЕЛЕМ го натфрли производствениот биланс од домашните капацитети за повеќе од 8 проценти, за истиот тој период ХЕЦ „Глобочица“ не го исполнила месечниот план за производство, односно произвела 38,1 отсто помалку електрична енергија во однос на очекуваното. Истото важи и за ХЕЦ „Шпилје“ која во јануари испорачала 32 отсто помалку електрична енергија во однос на билансот.“ – се вели во соопштението на ЕЛЕМ.
АД ЕЛЕМ информира дека го прилагодува испустот на вода од Охридско Езеро во Црн Дрим според котата на езерото, а во согласност со референтните податоци на УХМР, како и според страничните дотеци во сливот на ХЕЦ „Глобочица“.
OhridNews