Независно кој и како бил донатор на мостот, со неговата изградба во 2009 година се реши еден од најгорливите долгогодишни проблеми на жителите од месноста Канео, за брза и непречена комуникација со централното градско подрачје. Мостот веднаш стана најпосетуваната, најкористената и најпрактичната туристичка атракција во Охрид, што им овозможи на огромен број туристи секојдневно масовно да поминуваат по него кон Потпеш, Канео, Лабино, Плаошник и останатите атрактивни локации, велат од општинската СДСМ.
– Сите активности околу изградба или движење на каков било објект во езерото во крајбрежниот појас сите овие години се во надлежност на Министерството за транспорт и врски и Капетанијата. Тоа се ресорни институции на Владата на Република Македонија, која што сите овие години е предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Зошто тогаш надлежните државни институции цели 5 години не реагирале, односно не го срушиле мостот? Ако е навистина мостот дивоградба, зошто тогаш цели 5 години таквата дивоградба е толерирана од страна на надлежните државни инспекциски органи? Зарем сега, цели 5 години подоцна, во екот на туристичката сезона треба да се руши мостот? Ако е мостот нелегален, зошто, наместо да го руши, локалната самоуправа не ги презеде неопходните активности мостот да го легализира? И конечно, ако постои реална опасност од одрони од карпите, зошто надлежните државни и општински органи повеќе од 16 месеци не презеле никаква активност околу обезбедување на соодветна заштита од несакани последици?, прашуваат од СДСМ.
Оттаму, потенцираат дека секогаш ќе ги бранат и заштитуваат интересите и потребите на граѓаните и туристите во Охрид и поради тоа застануваат во одбрана на Мостот на желбите.
OhridNews