Да се подобрат условите во просторијата при ЈП „Градски гробишта“ каде се врши верски обред за починатите лица од муслиманска вероисповед, бараат од претпријатието за погребални услуги „Мирен сон“.
Оттаму, тврдат дека во овие простории не постојат минимални услови за извршување на обредот за што во неколку наврати се обраќале до менаџментот на јавното претпријатие, од каде, како што велат, до сега останале глуви на нивните барања.
– Во просторот за подготовка на починатите лица од муслиманска вероисповед постојано има по неколку сантиметри вода на подот и во тој простор луѓето кои го вршат верскиот обред- миење на покојниот, буквално стојат во вода, поради неможноста за истекување на водата. Тоа пак придонесува просторијата да биде исполнета со инсекти, за што посебно реагираа претставниците на Исламската верска заедница, велат од „Мирен сон“.
Од јавното претпријатие тврдат дека оваа просторија функционира според сите пропишани стандарди за нејзино работење.
– Постоела и постои со сите пропишани услови и стандарди. Кога и да се побарало, дали од муфтијата или некој друг, тој простор да биде загреан или да има топла вода секогаш сме излегле во пресрет и никој не се пожалил, вели директорот на ЈП „Градски гробишта“, Зоран Симоноски.
Симоноски вели и дека согласно преземената обврска на почетокот на вршењето на неговата функција, муслиманската капела за изложување на починатите која претходно била адаптирана во канцеларија, до крајот на мандатот, повторно ќе биде ставена во функција.
Т.К.