Граѓаните и субјектите навреме да се подготват за најавените снежни врнежи и да преземат соодветни мерки за заштита и успешно справување со настанатите состојби, апелираат од општинскиот Штаб за заштита и спасување, поради најавените обилни врнежи од снег кои се очекуваат во текот на викендот.

Посебно се потенцира обврската за навремено дислоцирање на моторните возила од коловозните површини со цел да се овозможи успешно дејствување на ангажираната механизација. Куќните совети и субјектите да организираат дополнително рачно чистење на пристапните површини до објектите. Населението од повисоките населени места навреме да ги обезбеди потребните намирници. За пријавување на настанатите состојби и воочени опасности граѓаните можат да го користат бесплатниот телефонски број на регионалниот центар за управување со кризи 195, изјави Митко Темелкоски од Регионалниот центар за управување со кризи и член на општинскиот штаб за заштита и спасување.

Надлежните потенцираат дека благовремено ќе биде ангажиран и општинскиот инспекторат со цел да ги опомене граѓаните кои нема да ги исполнат своите обврски и кои нема да го исчистат снегот пред нивните објекти.

Заменик градоначалникот Ангел Јанев, информира дека јавните претпријатија кои се задолжени за чистење на снегот во рамки на општината, располагаат со сите потребни ресурси за справување со настанатите состојби.

Сите субјекти се на располагање со својата механизација и кадар 24 часа на ден. Што се однесува на пристапните патишта кон Охрид, вклучувајќи го и патот Кичево- Охрид, информациите се дека Македонија пат ќе си ја заврши својата работа. Во штабот имаме претставник од Македонија пат од каде ни кажаа дека имаат на располагање возила, а денес до вечер очекуваат уште едно возило и имаат околу 130 тони сол и ризла што е доволно за две до три недели. Искрено се надевам дека нема да дојде до никаков застој во сообраќајот во градот и на пристапните патишта кон Охрид, рече Јанев.

За непречено одвивање на сообраќојот во текот на наредните денови, максимално ќе бидат вклучени и вработените во СВР Охрид.

СВР ќе ги преземе сите мерки преку Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај за непречено одвивање на сообраќајот на локалните, но и регионалните и магистралните патишта. Ќе направиме се преку поставување сообраќајни пунктови да ги елиминираме сите проблеми во делот на сообраќајот и да бидеме превентивно поставени за да ги почитуваме наредбите или препораките кои ќе се добијат од АМСМ, од општинскиот штаб. Ќе се преземат и потребните мерки за да не се дозволи сообраќај на оние патни правци на кои има соодветна забрана. Полициските  службеници ќе бидат превентивно поставени и низ соораќајниците во централното градско подрачје, но и во делот кон граничните премини. Полициските инспектори ќе бидат вклучени и во делот на елиминирање на сите можности од поголемо собирање на снег и ќе делуваат во координација со другите субјекти. Ќе бидеме еден клучен фактор кој ќе придонесе за да нема никакви проблеми во овој период, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Обилни врнежи од снег во Охрид се очекуваат од утре, сабота, по 16 часот кои ќе бидат особено интензивни во текот на ноќта се до недела попладне, по што се очекуваат ниски температури, дневни до -4 степени и вечерни до – 16.

Т.К.