Седум приговори доставиле политичките партии до Државната изборна комисија, но како што соопштија од таму, за два приговори од СДСМ ДИК се прогласи за ненадлежна, а останатите приговори, два од СДСМ и три од ВМРО-ДПМНЕ ги одби како неосновани. До овој момент, ДИК има издадено акредитации на: 3.623 домашни набљудувачи, 521 меѓународни набљудувачи, 146 преведувачи и 30 странски новинари. Инаку, Државната изборна комисија работи интензивно и сериозно е посветена на законско спроведување на изборниот процес.

ДИК ја информира јавноста дека гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење, заедно со останатиот доверлив изборен материјал, кој до општинските изборни комисии ќе се достави согласно рокот предвиден во Изборниот законик. ДИК ги известува сите гласачи кои се евидентирани во избирачкиот список, дека за прв пат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите. Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а истите ќе послужат за полесно идентификување на гласачите, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби.
За сите организации, домашни и странски, кои се заинтересирани и сакаат да го наблудуваат изборниот процес, ДИК информира дека треба да поднесат барање за овластување до 6 декември, кој воедно е и последен рок за оваа постапка.

ДИК ги предупреди изборните органи (општинските изборни комисии и избирачките одбори) да се воздржуваат од каква било партиска активност се до завршување на изборниот процес. Ова е забрането и со закон и за вакви престапи предвидени се строги казнени мерки.

ДИК информира дека од почетокот на изборната кампања има отворено бесплатна телефонска линија за граѓаните – 0800 555 44.