Доколку се тече според предвидениот план може да се очекува дека во најскоро време во рамки на Специјалната болница за лекување, рехабилитација и превенција на кардиоваскуларните заболувања ќе профункционира и Одделение за детска кардиологија.

Плановите се ова одделение да е сместено во просториите на некогашната Детска болница, за која од Заводот за кардиологија се надеваат дека од страна на Владата ќе им биде отстапена за задоволување на потребите од нов, дополнителен  простор за извршување на дејноста. 


Во тек е изработка на проект од страна на министерството за здравство за реконструкција на поранешната детска болница која ќе биде наменета за потребите на Заводот за кардиологија. Еден дел од проектот вклучува и проширување на дејноста и започнување на работа на одделение за детска кардиологија, она што му недостасуваше на нашиот град. Претходно, кога работеше детската болница во неа претежно се вршеше рехабилитација на болни со церебрална парализа и мал дел деца со изведени операции на отворено срце. Наша интенција, сиве овие години е покрај кардиологија за возрасни, да развиеме и детска кардиологија. Со добивањето на овие простории, за што се надевам дека се ќе оди во најдобар ред, за најскоро време ќе ги добиеме и просториите во кои ќе се создадат услови за конечно да профункционира и Одделението за детската кардиологија, вели д-р Никола Бакрачески, директор на охридскиот Завод за кардиологија.

Пред неколку месеци информацијата за проширување на просторот на оваа здравствена институција помина на седница на Влада, по што следуваше изработувањето на физибилити студијата и проектот за реконструкција на детската болница.


Според најавите на Бакрачески, во овој објект би се префрлил и делот од заводот предвиден за инвазивна кардиологија, дијагностичко поликлиничкиот центар, болничкиот и одделот интензивна нега. Постоечкиот објект би се користел за изведување на кардиоваскуларна рехабилитација.

Специјалната детска болница во Охрид по 4 децении работа беше затворена во 2007 година поради нерентабилно работење. Вработените беа преземени од другите здравствени организации во регионот, а дејноста од детскиот оддел при специјалната болница „Св. Еразмо“. На атрактивниот простор на поранешната детска болница кој се протега на површина од над 10000 метри квадратни беше најавено дека ќе се гради луксузен хотел или пензионерски дом, но тоа не се реализира.

Објектот каде некогаш се лекуваа деца од сите краеви на поранешна Југославија од 2007 стои неискористен.

Т. К.