Утре се навршуваат 17 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива на државата.

Договорот кој беше потпишан на 13 август 2001 година, седумнаесет години потоа ја има поддршката од меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, но е предмет и на критики и оспорувања, особено во делот на рамковните вработувања.

Преговорите почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три деца подоцна во претседателката резиденција на Водно документот го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери. Во својство на гаранти, документот кој е познат и како Охридски договор, го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Специјалниот претставник на ЕУ, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, поранешниот заменик-генерален секретар за операции во НАТО, во 2001-та година, како „олеснувачи“ во преговорите меѓу македонската и албанската страна го креираа Охридскиот рамковен договор.

,,Јас сум многу задоволен поради спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Беше тешко да се преговара, но беше многу потешко да се применува, а тоа е она што е важно. Рамковниот договор ја придвижи Македонија понатаму напред кон полна демократија, права на граѓаните, кон признавањето на културниот и етничкиот идентитет на луѓето во земјата. Постигнат е голем напредок”, оцени Пердју пред неколку години во интервју за ,,Дојче Веле”. Тој смета дека Охридскиот договор во межувреме станал модел и за други конфликти.

Со слични впечатоци во интервју за десетогишнината од имплеметацијата на договорот излезе и Франсоа Леотар кој изјави: „Можам да кажам дека тоа беше одличен успех на Европската унија, за првпат вистинската европска дипломатија дојде до израз. Во ситуација каква што се наоѓаме денес, кога европската заедничка монета е загрозена, треба да се потсетиме дека Европејците секогаш, кога покажале интерес да решат некој проблем, можат да го сторат тоа. И тоа од три причини: имаме војници, имаме пари и имаме дипломати“.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Собранието во март годинава со 64 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Со него се затвори една страница од историјата на Македонија, но голем дел од политичките и етнички разлики останаа да се решаваат понатаму.

OhridNews

Макфакс