Со низа активности во Охрид се одбележува 24-ти Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Чествувањето започна со полагање свежо цвеќе на нивниот споменик во градскиот парк, каде што се одржа и пригодна свеченост. Свое обраќање пред присутните имаше Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска, која истакна дека одбележувањето има посебна симболика зошто пораките  се упатуваат токму од местото во чија близина се и спомениците на нивните ученици Светите Климент и Наум Охридски, продолжувачите на нивното просветителско и духовно дело.

  • Монументите  на најголемите сесловенски светители се свртени кон Охридското Езеро и кога ќе погледнеш чиниш дека заедно му упатуваат порака на светот во која доминантно место имаат просветителството и хуманизмот. Светот знае дека светите Кирил и Методиј ја напуштиле царската палата во Константинопол и заминале во просветителска мисија, водени  од идејата дека сите европски народи  под исти услови  треба да имаат еднаков пристап до словото. Светите  Кирил и Методиј,  биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик. Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните следбеници, Светите Климент и Наум го продолжија преку работата на  Климентовиот универзитет од каде околу три и пол илјади ученици тргнувајќи од  Охрид продолжиле да ја шират сесловенската писменост и култура, рече Ангелоска.

На свеченоста беа доделени награди на најдобрите ученици од основните и средните училишта од Охрид кои добиле признанија на регионални, државни и меѓународни натпревари.

Во рамки на Програмата за одбележување на Денот на Сесловеските просветители, во Домот на култура „Свети Кирил и Методиј” во населбата Кошишта беше одржана Панихида посветена на светите браќа и Фолклорен концерт на КУД „Ѓердан”.

OhridNews