Иако сме сведоци дека во угостителските објекти понудата за секоја прослава е сведена на класични елементи: храна, пијалок, песна и оро, веќе трендовите се менуваат. Имено, хотелиерите и ресторатерите полека, но сигурно, размислуваат и ги збогатуваат своите понуди со дополнителни содржини, зависно од поводот. Пример за една ваква различна понуда е Хотел „Силекс“, каде пред 2 дена на еден сосема поинаков и автентичен начин беше прославен дочекот на Православната нова година и празникот Свети Василиј Велики.

Гостите кои на 13-ти Јануари престојуваа во овој хотел имаа можност да уживаат во безвременските музички хитови отсвирени од охридскиот „Селект бенд“ и отпеани од македонската фолк легенда Ефто Пупиноски, традиционална храна и традиционален мелос со зурли и тапани од Реканскиот крај, како и во духовна радост преку принесена молитва, леб и осветена вода во чест на Свети Василиј Велики.

Духовни, црковни елемнти во угостителска понуда можеби се чудни и несвојствени, но, ете во праксата се покажа дека токму таквите елемнти можат да бидат повод за привлекување на гости, велат од хотел „Силекс“. 

– Дочекот на Стара Нова година во „Силекс“ се негува 29 години и еве, таа приказна успешно и ден денес се раскажува и сведочи за една традиција, за една култура, за обреди и обичаи на еден народ и секако овозможува духовна радост на гостите кој имаат прилика барем на кратко да застанат простум пред Бога и да се помолат на Свети Василиј Велики за Новото лето Господово кое таа вечер започнува. Токму овој елемент од нашата понуда предизвикува интерес кај многу гости и е причина не само од Охрид туку и од други градови да бидат во „Силекс“ таа вечер. – велат од менаџментот на хотелот. 

Кога современото, традиционалното и духовното ќе се измешаат, но, на еден искрен, оригинален начин, со потребна доза и со јасно поставени граници помеѓу нив, резулатот е повеќе од позитивен, додаваат од хотел „Силекс“.

OhridNews