Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудува онлајн нападите и заканите по безбедноста на нашата колешка Мирослава Бурнс.

Бурнс, вчера пријави до ССНМ низа онлајн напади преку социјалната мрежа Фејсбук, кои се закана по нејзината безбедност, а следувале по нејзиното објавување на текст за организирање свадба во ресторан во Тетово, што е спротивно за законската регулатива која се однесува на борбата против епидемијата со Ковид-19.

Напоменуваме дека објавувањето на вакви престапи со кои се загрозува јавното здравје е од јавен интерес и новинарите и медиумските работници не смеат да бидат цел на какви било напади и закани поради својата работа .

Истовремено, ја поздравуваме брзата реакција на полицијата да преземе дејствија за заштита на новинарката на Слободен печат, која по пријавувањето на заканите во полиција доби 24 часовна заштита .

Подвлекуваме дека овој случај е типична потврда дека нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице, односно институциите да бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија . ССНМ во партнерство со ЗНМ веќе неколку години ја застапува иницијативата за промена на Кривичниот закон според кој нападите врз новинарите ќе бидат третирани како напад врз службено лице. – се вели во реакцијата на Синдикатот.

ССНМ очекува дека по овој случај, и по низата други регистрирани оваа година, итно да се пристапи кон законски измен.

Крајно време е да се заштити новинарската професија како една од клучните професии за штитење на јавниот интерес. Се надеваме дека на новите Собрание и влада, ваквите законски измени ќе им бидат приоритетни по нивното формирање. – велат од ССНМ.

Г.М.