Свети Климентовата награда за животно дело и трите повелби на градот Охрид, ќе бидат доделени вечерва на свечената академија во чест на Св. Климент Охридски, која ќе се одржи во 20 часот во големата сала на Центарот за култура “Григор Прличев”.

Годинешен добитник на Свети Климентовата награда, како највисоко општинско признание, е Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, по повод 30 годишнината од неговата работа во Охрид.

–  Господин Тимотеј со голем елан стана голем градител на нови цркви, иницијатор и реализатор на проекти за реконструкција на постојните цркви и манастири. Во изминатиот период тој остварил околу 200 осветувања на цркви и црковни објекти, а најголемите активности на тој план ги реализирал токму во Охрид. Благодарение на Владиката Тимотеј, се возобнови забранетата традиција на фрлање на крстот во водите на Охридското Езеро, на православниот празнк Богојавление Водици. Со овој црковно народен собир, Охрид е еден од најпосетените градови во земјите на православијето – рече градоначалникот Александар Петрески, објаснувајќи го  придонесот на Митрополитот Тимотеј за градот Охрид.

Светиклиментови повелби оваа година ќе добијат професорката Соња Думбалова Делова, универзитетскиот професор д-р Јован Шикоски и претседателот на Младинскиот совет во Охрид, Димче Каневче.

Покрај  свечената академија, во текот на денешниот ден, Охридската локална самоправа ќе изврши поклонение пред моштите на Св. Климент Охридски  на Плаошник, а ќе положи и свежо цвеќе на спомениците на Св. Климет Охридски во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“ и на Градскиот плоштад.

Во чест на празникот, во 18 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи ликовна изложба и врачување на награди од конкурсот за најдобри литературни, музички и ликовни творби на учениците на Гимназијата „Св. Климент Охридски“. Во галеријата на Центарот за култура во 19 часот ќе се одржи и традиционалната  изложба на роднокрајни ликовни уметници.

OhridNews