Третото издание на културно – забавното лето На зајдисонце во Трпејца од ден во ден со се побројни и поинтересни содржини кои го привликуваат вниманието на гостите кои престојуваат во македонското Сен Тропе.
Денеска , на бисерната плажа во Трпејца ќе се одржи натпревар во фаќање риба на јадица. Учесниците заедно ќе подготвуваат чорба од риба. Вечерва во 20 часот и 30 минути „Кај бунарот“ во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан македонскиот игран филм „Мис Стон“, чии сцени делумно се снимани во Трпејца. Утре манифестацијата завршува со пешачењето по патеката Чоколско. Овој настан е во соработка со Националниот парк „Галичица“,а вечерта манифестацијата ќе биде затворена со настапот на ансамблот „Билјана“ .
Под будното око на Наташа Алексиќ од Црвен крст – Охрид деновиве во Трпејца се одржа работилница за изработка на оригами, која имаше хуманитарен карактер. Вчера со турнир во шах доделување медали и дипломи заврши шаховската школа под раководство на Борис Лушески од ШК „Ласкер“ од Охрид, а вечерва се заокружува и школата по англиски јазик под раководство на м-р Габриела Неделкоска.
Трпејчани и гостите со бурни аплаузи и посебна радост деновиве го проследија настапот на КУД при Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца и двете изданија на атрактивната вечерна променада „Со кајче по езерото“ на која настапија учениците од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид Кристина Љушкоска – флејта, Теодор Љушкоски – кларинет, Димитар Гаврилоски – виолина, Филип Гаврилоски – хармоника и Филип Неделкоски – гитара.
По трет пат се одржа и кајакарската регата „Номче Митрески“ со кајакари од КК „Рибар “ од Трпејца.
Синоќа, на манифестацијата „На зајдисонце“ концерт одржа познатиот Томислав Маниќ и неговата гостинка и соработничка, поранешната оперска пеачка Ана Низамова. Обајцата преку песните ја потсетија бројната публика на блескавите моменти од нивните кариери.