Активностите за санација на свлечиштето кај село Ботун, на магистралниот пат А2 од Кичево до Охрид ќе траат цело лето. И покрај екот на туристичката сезона и поголемата фрекфенција на возила на овој патен правец, сообраќајот ќе продолжи да се одвива забавено, по една коловозна лента и со регулација на семафор.

Освен на овој дел од патот сообраќајот се одвива забавено и на превојот Пресека кај паркингот „Чешма“ каде што исто така се врши санација на свлечиште и е поставен семафор за регулирање на сообраќајот.

Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека активностите за санација на свлечиштата се вршат со цел да се обезбедат побезбедни услови за движење на возилата.

-Свлечиштата  се нестабилни зони и доколку не се санираат благовремено, може да дојде до комплетно запирање на сообраќајот на таа делница. Активностите за санација на свлечиштата отпочнаа  на крајот на месец април 2014 година. Предвиден рок за завршување е осум  месеци од отпочнување на градежните работи , но се очекува истите да бидат завршени порано, велат од ЈП за државни патишта.

Од таму потенцираат дека единствено решение за да се изведат овие градежни активности е поставувањето на сообраќајна сигнализација за времен режим на сообраќај.

Средствата  за санација на двете свлечишта се обезбедени преку заем од Светска Банка,  а градежните активности на терен ги изведува АД „Илинден“ од Струга.

Е.М